Бугарија се уште без влада, историчарите на нова средба за Гоце Делчев


Иако Бугарија се уште е без влада, преговорите за спорот со Македонија продолжуваат. Македонските учебници по историја за седмо одделение и Гоце Делчев, објави МКД.МК, се прашањата за кои ќе дискутираат членовите на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања на состанокот што ќе се одржи онлајн утре и задутре. 

Претходниот 12-ти состанок за заедничката комисија се одржа онлајн на 25 и 26 февруари, а бугарскиот копретседател Ангел Димитров тогаш рече дека средбата завршила без напредок. Димитров тогаш, на брифингот во Бугарското Министерствот за надворешни работи кажа дека „сѐ уште се во десеттиот век и дека нема чекори напред“.

Димитров уште изјави дека сè уште не е решен спорот околу цар Самоил и настаните на крајот на Првото бугарско царство, бидејќи, како што рече, македонската страна била  целосна воздржана околу тоа да се спомене дека заедничката историја започнала во Средниот век, но и поради „двоен стандард во проценката за Самоил, во зависност од тоа дали станува збор за заеднички прослави или за текстовите во македонските учебници“.

Од македонскиот дел од комисијата, пак, брифираа дека понудиле неколку предлози за цар Самоил кои претставувале чекор напред од нивните досегашни позиции, но дека бугарските колеги ги одбиле и останале на своите стари ставови „кои се во основата на спорот помеѓу двете историографии“.

Претходно, македонското Министерство за надворешни работи соопшти дека на 12-та средба на Комисијата за историски прашања не бил постигнат напредок во однос на дискусијата за учебниците по историја, ниту согласност за прашањата поврзани со Средниот век.