Бугарија не го враќа амбасадорот во Скопје и ќе ги суспендира меѓудржавните проекти со Македонија

Македонското МНР ќе бара став од Европскиот парламент по заканите на европратеникот Џамбаски спрема претседателот Пендаровски


Министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков

 

Бугарија ќе ги прекине сите заеднички меѓудржавни проекти со Македонија поради претепувањето на охриѓанецот Христијан Пендиков, објави бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков по седницата на собраниската Комисија за надворешни работи. Нема да се врати и бугарскиот амбасадор во Скопје додека Софија не видела вистински напредок во борбата против говорот на омраза и кога ќе бидат уапсени и извршителите на нападите врз бугарските клубови и Христијан Пендиков.

Тој појасни дека Софија нема да ја запре европската интеграција на Македонија, бидејќи таа  никогаш и не започнала преговори. Затоа, запирањето на заедничките проекти ќе биде дел од бугарската реакцијата за случајот со Пендиков. Тој смета дека е цинично во ваква ситуација со Скопје да се разговара, на пример, за заедничка еколошка патека. Но, додаде дека „ако Северна Македонија продолжи да се однесува така возможно е повторно Бугарија да постави вето“.

„За да продолжи по европскиот пат Македонија мора да ги почитува преземените обврски во рамки на европскиот предлог. Нема потреба Бугарија да прави ништо, туку да обезбеди почитување на обврските што Македонија ги презеде. Во самиот предлог нема рокови, тие може да не ги исполнат со децении, што значи дека нема да почнат преговори“, изјави Милков.

Според него, сите во Бугарија се на мислење дека работите не можат да продолжат како што беа.

„Во моментов тоа не е продуктивен пристап. Мора јасно да се стави до знаење дека работите се сменија. Работите нема да продолжат, ќе разгледаме повеќе компоненти и елементи на нашата билатерална соработка со оваа наша соседна земја“, вели Милков.

Тој побара македонските власти да се погрижат да има одговорност за тепањето на Пендиков, а тврди дека охриѓанецот кој се декларира како Бугарин, добива закани и во болница.

„Не може болницата во која тој се лежи да прима закани преку интернет. Тоа зборува за целосната неказнивост и увереноста на овие лицата кои ги испраќаат овие закани дека нема да бидат идентификувани“, вели бугарскиот министер.

За жал, рече тој во изјавата за медиумите, досега добивме многу гаранции кои не се исполните туку напротив има ескалација на тензиите во Северна Македонија.

Тој зборуваше и за одбележувањето на 4 февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев, за што порача дека ако Бугарите бидат запрени на границата на Северна Македонија и не им се дозволи да одат во Скопје да го одбележат денот, Бугарија ќе реагира негативно.

Покрај Милков, во собраниската Комисија за надворешни работи беше сослушан и бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, кој пред неколку дена беше вратен во Софија за консултации. Во изјавата по седницата тој рече дека во најмала рака е изненаден од различните информации од институциите во Северна Македонија.

„Обвинителството во Охрид не може да отвори случај мотивиран од омраза, а вчера вечерта на некоја телевизиска програма се јави заменик-министерот за локална самоуправа и рече дека Христијан бил нападнат бидејќи дошло до судир меѓу наркодилери. Христијан Пендиков со странски пасош си замина од РСМ. Никој не го бара на територијата на РСМ“, вели Ангелов и додаде:

„Незамисливо е да се објавуваат вакви лажни вести за Пендиков и за наводно неговото криминално досие. Ние како дипломати сме испратени да градиме мостови, но за танго се потребни двајца, потребни се напори и од РСМ“, рече Ангелов.

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов се сретна со мајката на претепаниот Христијан Пендиков во седиштето на партијата. Според него, оваа средба треба да послужи како јасна порака до македонските власти.

„Ја осудуваме агресијата врз Христијан Пендиков. Ќе разговарам со лидерот на ЕПП, Манфред Вебер. Ќе бараме тепањето против него да биде осудено на европско ниво“, изјави Борисов за  БГНЕС.

„Најлошото нешто на Балканот е што Бугарите се лутат. Направивме сè за PCM. Тие секогаш ја имаа нашата целосна поддршка. Затоа ги повикувам, уште еднаш порачувам – осудете ги напаѓачите. Нашиот гнев не е безопасен. Нашата наклонетост и љубов кон вас е огромна како земја, но и нашиот гнев е тежок. РСМ ќе го доживее доколку властите брзо не си ја завршат работата и не ги казнат виновниците“, додаде Борисов.

Од Македонија возвратија со закана дека за изјавите на Ангел Џамбаски ќе бараат став и од Брисел. Џамбаски го потсети јавно претседателот Стево Пендаровски како завршиле во минатото сите оние кои се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО, што во Македонија беше протолкувано како закана за атентат. За заканата МНР по дипломатски пат го известило и бугарското Министерство за надворешни работи.

„Во овој случај, Министерството ќе му препорача и на претседателот да реагира соодветно до својот колега, претседателот Румен Радев, а за ова однесување известување и барање за оградување ќе биде побарано и од претседателот на Европскиот парламент,“ се вели во реакцијата.

Заканите и изјавите за закани, како што се наведува во соопштението, се прашање со кое се занимаваат безбедносните органи.

„Очекуваме тие сериозно да ги земат предвид последните изјави на Џамбаски и да донесат соодветна одлука за негов ограничен пристап во земјава,“ се наведува во реакцијата од МНР. (Н.В.)