Бугарија ќе ги објави имињата на сите Македонци со бугарски пасош
Со предложените измени за добивање на бугарско државјанство задолжително ќе биде познавањето на бугарскиот јазик
Пратениците во бугарскиот парламент во прво читање гласаа за измените во Законот за бугарско државјанство со кои јавно ќе биде објавен регистарот на сите лица кои имаат бугарски пасош.
Бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев, кој е познат по своите антимакедонски ставови, на својот Фејсбук-профил веднаш ја поздрави оваа одлука на бугарските пратеници.
„Церемонијата за добивање бугарско државјанство ќе биде свечена и јавна. Регистарот на сите приматели на бугарско државјанство станува јавен.
Со најновата измена јавно ќе бидат познати сите наши сонародници од Република Северна Македонија кои се стекнале со бугарско државјанство во последните 22 години врз основа на докажано бугарско потекло и декларација за бугарска самосвест. Така, овие над 120.000 македонски Бугари, меѓу кои има и многу поранешни и сегашни политичари, пратеници, министри, градоначалници, раководители на сектори, раководители на партии, сопственици на медиуми и телевизии, новинари, коментатори, како и нивните семејства ќе бидат јавно заштитени од омразата, говорот и дискриминацијата на македонските институции поради тоа што се чувствуваат Бугари. Оние кои се ‘принудени’ да се претворат во јавни бугаромразачи само за да го сокријат своето бугарско потекло и самосвест нема да имаат повеќе причина да го прават тоа.
Очекувам, по второто читање, брзо усвојување на измените на законот“, напиша Ковачев.
Со предложените измени за добивање на бугарско државјанство задолжително ќе биде познавањето на бугарскиот јазик. При поднесување барање за бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло, ќе се укине условот предок на апликантот да починал како бугарски државјанин. Лицето ќе треба да има чисто криминално досие и тоа не само во Бугарија, туку и во неговата земја на потекло, односно во земјата на живеење.
Ново е и дека ќе може да се поднесе барање за државјанство по однос на натурализација, а лицето ќе треба да поднесе молба за откажување од тековното државјанство. Исто така, се предлага да се скрати периодот за поднесување документи за ослободување од друго државјанство, како и да се унифицираат условите за стекнување бугарско државјанство при брак со бугарски државјанин, со воведување на услов за тригодишен период на вонбрачна заедница но кој нема да биде применлив доколку се покаже дека бракот е фиктивен. Во таков случај бугарското државјанство ќе биде одземено.
Паралелно, претседателот на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, се закани со одземање на пасошите на сите жители на Пустец, Албанија доколку на пописот што е во тек, не се попишат како етнички Бугари. Тој појаснува дека доколку тамошните жители, се во процедура за пасош, таа ќе им биде прекината, со што испрати притисок и закана.
Претседателот на македонското друштво „Мост“, Бесник Хасани, исто така информира дека бугарскиот амбасадор ги убедувал Македонците да се попишат како Бугари на пописот, притоа делејќи им на улица бесплатни електронски уреди – таблети и телефони.
Свое видување искажа и Никола Ѓурѓај, уредник на македонскиот весник „Илинден“ во Албанија. Според него, секому му е јасно дека бугарската држава со години врши невиден притисок врз македонското национално малцинство во Албанија.
„Фактот што ефектот од сите тие фрлени средства за денационализација на Македонците во Албанија досега не го донесе посакуваниот ефект, секако, ги насочува сите сили во правец на насилно побугарчување на Македонците во Албанија, а особено во областа Мала Преспа“, вели Ѓурѓај.