Бугарија ја зајакнува армијата: Првите 33 возила „Страјкер“ пристигнуваат годинава

Оваа година Бугарија ќе ги добие првите 33 возила „Страјкер“ за Копнените сили, објави бугарскиот министер за одбрана Атанас Запрјанов за време на денешната церемонија по повод патронскиот празник на Воената академија „Г. С. Раковски“ и одбележувањето на 113-годишнината од нејзиното основање.
– Модернизацијата на Бугарската армија напредува со забрзано темпо. Вчера бевте сведоци на примопредавањето на првиот бугарски авион F-16 Block 70, оваа година ќе ги добиеме првите 33 возила „Страјкер“ за Копнените сили, а вториот брод на Воената морнарица е веќе пуштен во вода. Започнува вистинско опремување на нашите вооружени сили со нова борбена техника, особено во делот на борбените способности, истакна Запрјанов.
На 1 декември 2023 година, бугарскиот парламент го ратификуваше договорот за набавка на возила „Страјкер“, потсетува БТА. Планирано е набавување на 198 возила, вклучувајќи борбени, извидувачки и командно-штабни возила, специјализирани возила за нуклеарно, хемиско и биолошко извидување, за медицинска евакуација, инженерска поддршка, како и транспортни и евакуациони возила. Од нив, 183 се борбени возила од фамилијата „Страјкер“, а останатите 15 се помошни камиони. Испораките се очекуваат да започнат во третиот квартал од 2025 година и да завршат во првиот квартал од 2028 година. Најголемиот дел од борбените и помошните возила ќе бидат испорачани во 2026 и 2027 година, со темпо од десет возила месечно.
-Војните во 21 век го поттикнуваат користењето на современи технологии, што бара преиспитување на нашата подготовка, осовременување на наставните програми, подобрување на условите за работа и обука, соодветно наградување, но и зголемување на барањата кон кадрите, додаде Запрјанов.
-Новиот пакет на способности на НАТО е многу поширок, поопфатен и бара поголеми напори за реализација во споредба со претходниот, особено затоа што конвенционалната војна се врати во Европа. Мораме да бидеме подготвени да се бориме за одбрана на територијалниот интегритет на нашата земја и на Алијансата, нагласи министерот за одбрана на Бугарија.
Во Воената академија „Г. С. Раковски“ се обучуваат над 1.200 лица, изјави нејзиниот началник, генерал-мајор Стајко Прокопиев, на денешната церемонија. Воената академија „Г. С. Раковски“ е најстариот воен високошколски институт во Бугарија, основан со закон на 1 март 1912 година, донесен од 15-от Народен парламент.