Бугарија ја поддржа Албанија за преговори со ЕУ во Луксембург


Заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија, Румен Александров (десно) со своите колеги од Финска, Романија и Малта

На состанокот бугарскиот претставник рекол дека Софија е отворена за конструктивен дијалог со Скопје за време на словенечкото претседателство

 

Министерството за надворешни работи на Бугарија попладнево ги соопшти причините зошто ја блокирало уште еднаш Македонија во ЕУ и објави дека нејзиниот претставник на седницата на Советот за општи работи во Луксембург го поддржал отворањето на преговорите со Албанија. Заменикот-министер за надворешни работи, Румен Александров, им соопштил на неговите европски колеги дека Софија била „отворена за конструктивен дијалог со претстојното словенечко претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање меѓусебни прифатливи решенија“.

Според Александров, за Бугарија останува важешка позицијата на Парламентот усвоена во октомври 2019 година, дека Софија приоѓа на проблемот конструктивно и со „добра волја“, но очекува Македонија да „започне во пракса да ги спроведува преземените обврски на високо ниво на 17 јуни 2021 година во Софија, што ќе ни  овозможи да се движиме во позитивна насока“. Во соопштението на бугарското МНР не се наведува кои се тие „преземени обврски“.

Во соопштението се додава: „Ова вклучува експлицитно откажување на Република Северна Македонија од територијални, малцински и историски претензии кон Бугарија, промена на натписи/споменици кои влеваат омраза кон Бугарија во Република Северна Македонија, активирање на процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам репресирани заради бугарската самосвест. Без оглед на нашиот билатерален дијалог со Република Северна Македонија, Бугарија инсистира на тоа спроведувањето на Договорот за добрососедство од страна на Република Северна Македонија да биде вклучено меѓу условите во идната рамка за преговори за пристапување на Скопје во ЕУ“, рекол заменик-министерот Александров.

Иако од Луксембург сигнаа информации дека сите други министри биле против овој став на Бугарија, а особено жесток беше германскиот министер за Европа, Михаел Рот, Александров тврди дека имало разбирање за ставовите на Софија: „Имаше разбирање за чувствителноста на бугарската страна, за аргументите што ги изложивме, за размислувањата што ги имаме. И во оваа смисла беше споделена неопходноста Република Северна Македонија да ги зголеми напорите за да постигнеме взаемно прифатливо решение“, го цитира БТВ Александров.

Бугарија ги пофалила достигнувањата на Албанија во реформскиот процес и ја потврдила поддршката за усвојување на рамката за преговори на Тирана со ЕУ.