Бугарија изненадена што ѝ ставија вето на нејзиното вето


Бугарија жали што заклучоците на Советот на ЕУ за проширувањето беа неочекувано блокирани од Чешка и Словачка „без образложение“ за време на денешниот состанок на Советот за животна средина на Унијата (ЕНВИ) во Брисел. На дневен ред на оваа средба беше европскиот климатски закон и Регулативата од Архус.

„Бугарија жали што заклучоците на Советот за проширување и процесот на стабилизација и асоцијација беа неочекувано блокирани од две земји-членки без образложение за време на денешниот Совет на ЕНВИ. Подготвени сме да ја слушнеме загриженоста што доведе до оваа одлука и да продолжиме со нашите напори да постигнеме консензус за проширувањето“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Министерството на Екатерина Захариева посочува дека Бугарија ги одобрила  заклучоците на состанокот на КОРЕПЕР на 16 декември, при што германското претседателство постигна консензус. На инсистирање на Бугарија, во заклучоците беше додадена реченица за важноста на договорите на Република Северна Македонија со Бугарија и Грција и дека нивното спроведување ќе доведе до крај на сите тврдења засновани на погрешно толкување на историјата. За време на состанокот, заклучоците беа одобрени од сите.

„Ветото врз заклучоците на Советот ризикува да ја поткопа довербата на ЕУ и да ја спречи Унијата да го испрати многу потребниот сигнал до Западен Балкан за стимулирање на неопходните реформи што земјите кои сакаат да се приклучат мора да ги преземат.

Како една од земјите-членки што го поддржуваат проширувањето, Бугарија би сакала да го охрабри Советот да преземе конструктивен пристап во сегашната ситуација со цел да се овозможи донесување заклучоци за време на сегашното претседателство со Советот на ЕУ“, стои во соопштението.

Министерството за надворешни работи појаснува дека заклучоците на Советот на ЕУ за проширување немаат никаква врска со процесот на одобрување на рамките за преговори со Република Албанија и Република Северна Македонија. Бугарија ја поздравува рамката за преговори за Албанија и го поздравува дополнителното време предвидено за подобрување на рамката за Република Северна Македонија, порачува бугарското МНР.