Бугарија додала свои услови на заклучоците на ЕУ за Македонија

Целта е да се стават што е можно повеќе меѓускалила за Македонија, а бугарските услови да станат дел од преговарачките поглавја


Дали ова е политика на старата или новата бугарска влада, или на претседателот Румен Радев

 

Бугарија, како и при првата расправа за Македонија во ЕУ, на последниот министерски состанок приложила  нов документ , т.е. национална изјава како дополнение на заклучоците што беа усвоени од министрите.  Како што се дознава од дипломатски извори, во документот не само што нема помирливи позиции туку во некои делови има и поригидни, како барањето усвојувањето на преговарачката рамка да не значи автоматски одржување на меѓувладината конференција, односно реален почеток на преговорите на ЕУ со Македонија. Така, Бугарија објаснува дека делот од заклучоците на Советот за општи работи во кој се вели дека „со нетрпение се очекува одржување на првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија што е можно побрзо по усвојувањето на преговарачката рамка“ не значи дека одобрување на рамката по автоматизам ќе води до одржување на прва меѓувладина конференција.

Целта  очигледно е да се стават што е можно повеќе меѓускалила за Македонија, а бугарските услови да станат дел од преговарачките поглавја и да може да нѐ блокираат во текот на целиот преговарачки процес. Во владини кругови, кои ја потврдија информацијата, не беа сигурни дали изјавата е позиција на старата или на новата влада, откако новиот премиер Кирил Петков излезе со други предлози во јавноста и , наспроти најавата дека тој ќе ја застапува земјата на самитот на ЕУ, во Брисел отпатува претседателот Румен Радев.

Во изјавата, како услови Софија да ја прифати преговарачката рамка, се бара бугарската билатерална позиција за спорот да биде дел од првото преговарачко поглавје, кое пак е најважно, прво се отвора и последно ќе се затвора, а се однесува на основните човекови права, судството и владеењето на правото.

Во документот, исто така, се враќа старата позиција за јазикот иако тоа неофицијално се сметаше зѐрешено прашање, при што Софија инсистира решението да биде на линија на билатералниот договор со Македонија, односно и ЕУ да мора да ја користи формулата за „македонски јазик според Уставот на Северна Република Македонија“. Исто така во условите е повторена и бугарската позиција околу користењето на краткото и долгото име на државата, што реално неофицијално ЕУ почна да ја применува во последните извештаи за Македонија. Имено, Софија бара да се испрати нота до Обединетите нации со објаснување дека краткото име Северна Македонија се однесува на политичкиот ентитет Република Северна Македонија, а не и на поширокиот географски регион. Притоа и натаму инсистира на тврдењата дека има погрешно толкување на историјата во Македонија, условувајќи го одобрувањето на преговарачката рамка со видлив и неповратлив резултат.

Македонија се обвинува и за сериозно блокирање на најголем дел од одредбите од Договорот за добрососедство, без оглед што немале одговор на прашањето во кој дел се случува тоа, како и за дискримација и заплашување на лицата со бугарска самосвест. Генерално во националната изјава стоело тврдењето дека Бугарија е отворена за дијалог, а Македонија не, и дека брзи решенија на спорот нема да ја сменат реално состојбата.

Технички, Бугарија инсистира на вклучување т.н. opening benchmarks (услови за отворање на преговорите), но и на „interim“ и „closing benchmarks“ (завршни услови) кои ќе зависат од тоа како се спроведува патоказот. За Албанија Бугарија е подготвена да даде согласност за преговарачката рамка и за одржување на првата меѓувладина конференција.

Во политички кругови во Македонија, што се запознати со овој документ, се оценува дека мора да се избега од овој циклус на безнадежност и понижување и дека нашето врзување за рокови и за условите што ги наметнува Бугарија праќа сигнал дека нивното вето функционира, а никој не е сигурен дека воопшто ќе има преговори со ЕУ.