Буџетот во тесна кожа

Предлог-буџетот се најде во вителот на најголемата политичка криза, што во комбинација со енергетската криза, инфлацијата, пандемијата, нарушените синџири на снабдување..., може да се креира „совршена бура“ во која проекциите тешко би биле остварливи


Уште неизлезен целосно од фиоката на министерот за финансии и усвоен „тајно“ на седница на Владата спроти вториот круг локални избори (иако станува збор за почитување на законските рокови), Предлог–буџетот за 2022 година се најде пред она што во народот најдобро се опишува со „угоре високо, удолу длабоко“.

Веројатно никој ниту во Министерството за финансии и во Владата не можеше да го предвиди развојот на настаните по завршените избори за градоначалници и советници, а најмалку дека буџетот во Собранието можеби ќе треба да го брани, а потоа и да го спроведува некој друг владин состав.

Но тоа е можеби и најмалиот предизвик со кој ќе се соочи најважниот документ кој во себе ги сублимира сите приходи и расходи за наредната година и начинот на кои тие ќе се прибираат и трошат.

Не е тоа ниту осоколената опозиција која на крилјата на успехот на локалните избори сега многу пожестоко ќе го напаѓа Предлог – буџетот (критиките веќе ги слушнавме од највисокото место) и ќе настојува да уфрли што е можно повеќе амандмани во она што го опишува како нереални проекции и трошења на владата.

Со еден збор, Буџетот се најде во вителот на големата политичка криза со која што се соочува државата, што во комбинација со еден куп други надвиснати темни облаци, како енергетската криза, заканувачката инфлација, пандемијата со Ковид-19 чиј крај сѐ уште не се гледа, нарушувањата во синџирите на снабдување, неизвесноста околу евроинтеграциите… може да креираат еден вид „совршена бура“ во која проекциите, колку и да се темелно и студиозно правени, тешко би биле остварливи.

Ако минатата година буџетот мораше да претрпи големи измени и да се приспособува во од поради пандемијата која ги наруши сите економски текови, а тоа во извесна мера се случува и годинава, државната каса за наредната година веќе требаше да го насочи кормилото на економијата кон одржлив раст и фаќање ритам во постковид периодот. Но, дали ќе биде така? Во голема мера тоа ќе зависи од развојот на настаните како на внатрешен, така и на надворешен план.

Некои од дилемите кои се јавија во јавноста откако министерот за финансии Фатмир Бесими го претстави буџетот за 2022 година се дали е тој развоен или пак, социјален, дали државата во проекцијата на буџетските расходи од 4,4 милијарди евра (најмногу до сега) длабоко ја вовлекла раката во џебот на стопанството и на граѓаните за да ја храни непродуктивната администрација, но и колку се реални и остварливи проекциите за економски раст од 4,6 отсто и инфлација од 2,4 отсто, што се всушност темелите на кои почиваат очекувањата за буџетските приходи и буџетскиот дефицит со кој треба да се премости јазот до поголемите расходи.

Во дебатите кои се отворија по презентирање на буџетот, веројатно најмногу во право се економистите кои сметаат дека номиналниот износ на буџетот не е толку важен, колку неговата структура, а особено за што ќе се употребат средствата кои државата преку даноци и други видови давачки ги собира во државата каса.

Министерот Бесими се пофали дека во буџетот за наредната година е вградено таканареченото „златно правило на јавните финансии“, односно задолжување само за јавни инвестиции и за продуктивни цели, посочувајќи притоа дека износот на буџетскиот дефицит е помал од предвиденото ниво на капиталните инвестиции.

Ова е убаво да се слушне од министерот, но треба да се има предвид дека досега, а особено последните години, процентот на реализација на капиталните инвестиции значајно заостанувал зад проекциите, за разлика од нивото на буџетскиот дефицит кој се остварувал целосно, па дури и се натфрлал, па на крајот (ако политичката криза ескалира и се продлабочи енергетската криза, пандемијата, инфлацијата итн.) лесно може ова златно правило да избледне, а целиот буџет да се најде во „“тесна кожа“.

Од друга страна, некои од домашните економисти посочуваат дека темпото со кое што растат социјалните трансфери во буџетот е многу побрзо од она на капиталните расходи. Професорот Борче Треновски за Радио Слободна Европа изјави дека во последните десет години социјалните надоместоци во буџетот (пензии, плати и други социјални надоместоци) се зголемиле за над 70 проценти, додека капиталните расходи за само десет проценти. Останува да се види дали наредната година конечно овој тренд ќе биде прекинат, имајќи предвид дека предвидените капитални инвестиции се проектирани на 600 милиони евра што за 27 отсто повеќе од годинава, а учеството во вкупните расходи е 14 отсто и е досега најголемо, како и дека се воспоставува практика средствата на оние буџетски корисници кои не можат да ги искористат да се пренасочуваат кон други кои тоа можат да го сторат.

Во буџетот се предвидува и пораст на бруто инвестициите за 8,5 отсто, на потрошувачката за 3,1 отсто, на извозот, вработеноста…

Иако министерот Бесими најави кратење на непродуктивните трошоци во буџетот, што се гледа преку намалувањето на некои од буџетските ставки, сепак, и овој пат не се заборавени некои категории буџетски корисници кои ќе добијат повисоки плати, како на пример во здравството за 5 отсто, во судството и обвинителството за 15, во образованието за 7 отсто, во инспекциските служби за 10 отсто.

Проекциите кои што се правени врз основа на одредени состојби и претпоставки се една работа, она што ќе го испорача реалноста е сосема друго. За жал, нивото на јавниот долг кој се натрупа изминатите петнаесетина години и кој за наредната година ќе надмине 65 отсто од БДП, не остава многу маневарски простор, настрана што достасуваат и значајни кредитни обврски кои ќе мора да се отплатат.

Предлог-буџетот е веќе пред пратениците, кои ќе го имаат конечниот збор. Да се надеваме дека народните избраници понесени од моменталната политичка ситуација сепак нема да ги претворат традиционално жестоките дебати за буџетот во нешто што може да го блокира процесот на негово донесување. Без оглед на сѐ (или токму поради тоа) треба да се има предвид дека и покрај политичките несогласувања и разлики околу политиките, многу е важно буџетот да се донесе на време, наместо во новата година да се влезе со привремено финансирање. Дури тогаш сите може да се најдеме во „тесна кожа“.