Бубевски: Не може да се отвори истрага додека не знаеме кои се убијците од Чаршија


Обвинителот Гаврил Бубевски (Фото: Б. Грданоски)

Основниот јавен обвинител Гаврил Бубевски во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат откри дека околу 50-тина куршуми завршиле во телата на двајцата убиени изминатиот викенд во угостителски објект во Старата скопска чаршија.

Во пресметка на подземјето, неколкумина маскирани влегоа во „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија и ги егзекутираа Јетон  Кривањева и Енес Исени.

„Колку точно рани има во телата на убиените се знае, но и јас сè уште го немам тој податок, го немам извештајот од судска медицина, но 40 до 50 чаури се пронајдени околу телата на убиените. Најголем дел од куршумите се завршени во нивните тела, односно многу малку се завршени надвор“, изјави Бубевски во емисијата.

Бубевски рече дека засега информациите што ги имаат се оние што ги знае јавноста и дека предистрагата на Основното јавно обвинителство не може да премине во истрага се додека е непознат идентитетот на убијците.

„Кога би дошле до сознание кои се извршители и кои се евентуално нарачатели на ова кривично дело, во тој случај веќе се отвора истрагата и продолжува формалната постапка што си има свои посебни правила на постапување“, рече шефот на ОЈО и додаде дека откако е запалено возилото нема повеќе информации, зашто тој дел не е покриен со соодветен видео надзор.