Бтитански „Кросрејл“ ќе обезбеди техничка поддршка за „Македонски железници“

„Кросрејл“ ќе биде техничка поддршка за целокупното работење на Македонски железници инфраструктура и тоа ќе биде грант, односно тоа е подарок од британската Влада за граѓаните на Македонија, изјави денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на новинарски прашања по увид во реализација на инфраструктурни проекти во општина Кавадарци.
– Ние на последната седница на Влада усвоивме договор со компанијата „Кросрејл“. Тоа е компанија што е во стопроцентна сопственост на Министерството за транспорт на Велика Британија, компанија што ја изгради најдолгата, најмодерна и прва целосно дигитализирана метро – линија во Лондон и компанија што го одржува метрото во Лондон. Таа компанија ќе биде техничка поддршка за целокупното работење на Македонски железници инфраструктура и тоа ќе биде грант, односно тоа е подарок од британската Влада за граѓаните на Македонија. Тоа е уште еден чекор кон реализирање на проектот. Така што во добра насока сме. Еве и Србите вчера во Атина се во таа насока. Очекувам следниов период да имаме активности и со владите на Србија, на Унгарија и на Австрија и да пополека го затвораме проектот и да почнат машини на терен да работи, одговори тој на новинарско прашање.
Владата на 114. редовна седница ја разгледала и ја усвоила информацијата за склучување на договор за соработка помеѓу Јавното претпријатие за железничка инфраструктура – Скопје и Јавното тело на Министерството за транспорт на Владата на Обединетото Кралство, „Кросрејл интернешнал лимитед“.
Како што беше појаснето завчера во соопштението на Владата, со договорот за соработка се воспоставува рамка со што страните ја потврдуваат својата подготвеност и посветеност да соработуваат преку споделување на експертиза, искуства, добра практика и научени поуки во поддршката на проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура – Скопје, со посебен акцент на брзата железница, како и на товарниот железнички сообраќај, сигнални и контролни системи, надградба на инфраструктурата, депоата и железничкиот возен парк.
– Договорот за соработка е во важност од 5 години со можност за продолжување од дополнителни пет години. Овој договор произлегува од досега воспоставената соработка помеѓу македонската Влада и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во врска со партнерството за реализација на приоритетни инфраструктурни проекти, стои во соопштението.