Брутално поскапеа новите станови во Загреб


 

Покрај кризата и големата инфлација, пазарот на недвижности во Хрватска цвета. Побарувачката за квалитетни станови и деловни простории и понатаму е поголема од понудата. Во првите седум месеци издадени се 7 отсто повеќе градежни дозволи отколку лани. Градежниците имаат работа преку глава, иако цените на новоградбите достигнуваат рекордни нивоа и се 20 отсто повисоки од лани, пишува ХРТ.

Кранови и скелиња низ цел Загреб. Се гради насекаде, затоа што на главниот град му недостасуваат илјадници станови.

„Ние во последните месеци презедовме неколку новоградби и бележиме голем интерес иако цената е за 20 отсто повиока од лани. Цените за приградските населби за новоградба се околу 2.400 евра по квадрат, додека во најбараните квартови достигнува и до 5.000 евра“, вели лиценцираниот агент за недвижности Лука Прица.

На запуштеното место од некогашната текстилна фабрика „Весна“, ќе се гради луксузен станбено-деловен комплекс. Во план се и стотина станови од врвен квалитет.

Раст на цените на материјалите и квалитетот

Застаклени фасади, видеонадзор, висечки градини и енергетска ефикасност се новитети во изградбата. Но, на градежниците не им е лесно да го одржат квалитетот поради енормното поскапување на материјалите и опремата.

„Зголемувањето на влезните трошоци, доставата на материјали и недоверливите синџири за снабдување дефинитивно влијаат на зголемувањето на цената. Ако на тоа се додадат и инфлацијата и недостигот на работна сила, навистина се соочуваме со предизвици, но се радуваме на новите проекти“, вели Сања Кушан од Евро стан групацијата.

Штедењето се прелева во цигла и бетон

Ниските камати на станбените кредити на купувачите им одат од рака, но поради инфлацијата растат цените па за некои недвижности треба да се издвојат рекордни износи. Домашни и странски купувачи има затоа што недвижностите и понатаму се извор на добра заработувачка и вредна инвестиција.

„Просечен граѓанин е склон да вложува само во недвижности затоа што финансиската писменост или искуствата со други типови вложувања се негативни. Така што, не е за изненадување што заштедата се прелева во цигла и во бетон и на тој начин се одржува побарувачката по станови“, вели директорот на „Колиерс“ Филип Вугатиќ.

Во првите седум месеци забележителен е порастот на градежните дозволи. Дури 86 отсто од нив се однесуваат на згради, што го потврдува порастот на станоизградбата во ова нестабилно време.