Брус Спрингстин ги откажа концертите во Марсеј, Прага и Милано поради „проблеми со гласот“


Брус Спрингстин на концерт во Копенхаген

 

Брус Спрингстин ги одложи концертите во три европски градови во следните две недели поради вокални проблеми.

Легендарниот рокер (74) требаше да настапи со E Street Band во Марсеј, Прага и Милано.

„По вчерашното одложување во Марсеј поради проблеми со гласот, дополнителните испитување и консултации ги наведоа лекарите да утврдат дека Брус не треба да настапува во следните десет дена“, се вели во соопштението на официјалната страница на пејачот на Инстаграм, додавајќи дека тој „добро се опоравува“, а новите датуми на концертите ќе бидат „објавени наскоро“.

Еден од најпознатите рок музичари во модерната ера, Спрингстин е познат по хитовите како „Born in the U.S.A.“, „Streets of Philadelphia“ и „Born to Run“, меѓу многу други.

Тој започна голема турнеја минатиот февруари, негова прва турнеја во САД од 2016 година. Но, таа беше зафатена од тековни здравствени проблеми, вклучително и болен пептичен улкус на желудникот во октомври.

„И покрај мојата способност да се смеам на тоа, ова стомаче беше чудовиште и сè уште за жал го тресе мојот внатрешен свет“, рече тој тогаш.

Тој откажа два американски концерт во март и август поради други здравствени проблеми.