Бројот на ковид случаи во јануари е за 3,3 пати поголем во споредба со декември
Во тек е периодот на зголемена циркулација на респираторни вируси во северната хемисфера, па постои ризик и активноста на SARS-CoV-2 да се зголеми, пишува во извештајот на ИЈЗ
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/01/Luge-na-Kamen-most-i-magla-vreme-zima-1-bg.jpg)
Во текот на 2025 година, а заклучно со 2 февруари, регистрирани се вкупно 20 заболени лица од ковид-19. Бројот на заболени лица во месец јануари е за 3,3 пати поголем во однос на месец декември 2024, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Иако бројот на заболени од ковид-19 на неделно ниво е мал, со оглед на тоа дека во тек е периодот на зголемена циркулација на респираторни вируси во северната хемисфера, постои ризик активноста на SARS-CoV-2 да се зголеми, што ја нагласува континуираната потреба од надзор (епидемиолошки и вирусолошки) на национално и регионално ниво“, наведено е во последниот извештај на Институтот.
Мета неодамна пишуваше дека периодов различни респираторни проблеми ги полнат ординациите. Д-р Бојан Трјковски од ПЗУ „Медика Вера“ кажа дека дека оваа сезона се забележува поголем број на пациенти во споредба со минатата сезона.
„Аерозагадувањето е број еден на сите респираторни тегоби. Имаме и пневмонија, бронхитис, развивање на астма, хронична опструктивна белодробна болест (ХОБ). Присутни се и кардиоваскуларни промени, хипертензија, дијабетес. Сега има и грип, настинки“, кажа д-р Трајковски. (Meта)