Британскиот претставник Стјуарт Пич во Скопје


Стево Пендаровски и Стјуарт Пич

 

Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан ќе ја посети Македонија од 6 до  8 март. Пич доаѓа за да ја потврди котинуираната посветеност на Обединетото Кралство во зајакнувањето на стабилноста и просперитетот во регионот на Западен Балкан.

Тој се сретнa со претседателот Стево Пендаровски, а ќе има средби и со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за ЕУ прашања Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи. За време на посетата тој ќе се сретне и со клучни соговорници, граѓански организации и ќе посети локални културни знаменитости.

На средбата со Пендаровски, како што соопштија од неговиот кабинет, се потврдило долгогодишното партнерство и пријателство меѓу Македонија и Обединетото Кралство кое се отсликува преку постојаната британска поддршка за клучните прашања од нашата независност до денес, а билатералните односи се карактеризираат со динамичен политички дијалог на високо ниво.

Тие размениле мислења и информации за актуелните прашања поврзани со интеграцијата на нашата земја во Европската унија, за соработката и делувањето на двете држави во рамки на НАТО Алијансата, безбедносната ситуација во регионот и Европа во контекст на војната во Украина, како и за билатерални прашања од взаемен интерес.

Целта на посетата е да се потврди силната посветеност на Обединетото Кралство за евроатлантската интеграција на  Македонија, да се даде поддршка на реформите и да се зајакне стабилноста и безбедноста во регионот на Западен Балкан. Оваа година Обединетото Кралство и Македонија слават 30 години од воспоставувањето на билатералните односи и Лондон останува близок партнер на  Македонија и силен сојузник во НАТО.