Британците во Франција можат да останат без возачки дозволи
Илјадници британски државјани во Франција останаа без валидни возачки дозволи или ќе ги изгубат во рок од неколку месеци поради бирократски пречки и недостаток на реципрочен договор по Брегзит меѓу Лондон и Париз, пишува лондонски „Гардијан“.
Британските возачки дозволи треба да се обновуваат на секои 10 години, како и на лицата над 70-годишна возраст. Луѓето со одредени здравствени проблеми, како што се дијабетес и епилепсија, треба почесто да ги обновуваат своите документи – на секоја од една до пет години.
Француската Влада кон крајот на минатата година соопшти дека, како резултат на Брегзит, Британците во Франција ќе мораат да ги заменат своите британски документи со француски, а тоа ќе можат да го сторат до 31 декември 2021 година.
Британците можат да ги користат своите британски документи доколку се на кратка посета или како туристи во Франција.
Но, оние кои сакаат да ги променат своите документи од јануари, се соочуваат со постојано одбивање од страна на новиот француски онлајн систем, познат како АНТС, со образложение дека не постои договор за реципроцитет на документите меѓу двете земји.
Управување на возило во Франција без важечка дозвола може да резултира со парична казна до 15.000 евра, а возачкиот испит во Франција вклучува теоретски тест на француски јазик и може да чини 1.800 евра.
Владини извори открија дека Франција и Велика Британија се близу до реципрочен договор, но сè уште не го постигнале.