Глечерите на Хималаите, зад себе оставаат нестабилни леднички езера, опасност за милиони луѓе


Хималаите се приближуваат кон критична точка бидејќи глечерите се топат побрзо отколку пред една деценија, што ја загрозува безбедноста на водата и егзистенцијата на милиони луѓе, се наведува во студијата на „Системик“, советодавна фирма за одржливост.

Наодите следуваат по уривањето на хималајски глечер на крајот на август долж границата меѓу Непал и Тибет, што предизвика верижни свлечишта и поројни поплави во долините под него. Потврдена е смртта на најмалку 1.300 луѓе, додека повеќе од 5.300 се водат како исчезнати.

Студијата покажа дека, како што се повлекуваат глечерите, зад себе оставаат нестабилни леднички езера кои задржуваат претежно ронливи карпи и мраз, и тоа над долините во кои живеат милиони луѓе.

Губењето на масата на хималајските глечери се забрза во последните децении, додека во моментов на терен се следат само 21 глечер од проценетите 40.000 во регионот Хиндукуш-Хималаи, огромен планински систем кој се протега низ осум земји, од Авганистан до Мјанмар.

Во Индија се идентификувани речиси 200 леднички езера со висок ризик, од кои 56 се класифицирани со „многу висок ризик“, што изложува на опасност милиони луѓе низводно.

Како што регионот се приближува кон моментот на „максимален водостој“, точката кога речните текови престануваат да растат и почнуваат да опаѓаат, тоа ќе има сериозни последици врз безбедноста на снабдувањето со вода, се заклучува во студијата.

„Системскиот проблем бара системски одговор, а ризиците што се појавуваат оставаат малку време за чекање. Нашето истражување трасира пат заснован на три нивоа што мора да дејствуваат заеднички: обезбедување на природните темели од кои зависи регионот, градење отпорност за справување со неизбежните потреси и овозможување модел на раст што се гради во соработка со планините, а не против нив“ се вели во студијата.

Идентификувани се десет приоритетни трансформации на овие три нивоа – кои нудат просечен приспособен поврат од околу осумкратно зголемување на вредноста кога ќе се земат предвид економските, еколошките и социјалните придобивки, како и избегнатите загуби – и се предлага јавно-приватен модел за нивно спроведување.

„Хималаите долго време биле извор на отпорност и обнова за луѓето што ги нарекуваат свој дом. Обезбедувањето на таа иднина сега зависи од колективната акција“, заклучуваат научниците во студијата.