Бриселско „не“ (не) го носи Заев на избори


„Договорот од Преспа има централно место во плановите за иднината на земјата. Тој е и суштината на амбициите за вашата младина и на тоа што може да го направиме заедно во годините што следуваат. Тоа е едноставната, јасна и скромна порака која сакам да ви ја пратам. Јас не можам да се ставам на вашето место зашто вие гласате независно во оваа политичка дебата која е важна за земјата. Вие треба да изберете и да се одлучите дали сте за промена на Уставот или не, за спогодбата да стане важечка. Да станете Северна Македонија, согласно спогодбата. Јас одлучно сум ‘за’ и цврсто верувам дека овој договор е добар! За вас, за целиот регион и за Европа. Сметам на вас“.
Ова е дел од пораката што францускиот претседател Емануел Макрон ја испрати до македонските гласачи пред референдумот за името во септември минатата година. Единаесет месеци подоцна, од некој што ѝ даваше ветер во грб на владата во Скопје, Макрон може да се претвори во некој што ќе го дувне кабинетот на „Илинденска“ доколку не ѝ даде зелено светло на Македонија за почеток на преговорите со Европската Унија.

Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција?
Впрочем, и референдумското прашање гласеше: „Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Грција и Македонија“ со што владата во Скопје сакаше да потенцира оти жртвата што ја правиме со менување на името ќе ни се врати со ставање на земјава на брзите шини кон Брисел.
Изминатите две и пол години, колку што премиерот Зоран Заев раководи со министрите, акцентот беше ставен на решавање на горливите надворешни прашања. Сега изгледа дека менувањето на името, сепак, не било одлучувачки фактор што ќе нè приближи до ЕУ, а дополнителен притисок создава Бугарија, која договорот за пријателство го разбира како шанса за наметнување на нејзините ставови во поглед на Македонија.
„Моите главни теми во кампањата за претседателските избори беа зачленување во ЕУ и во НАТО како главни стратегиски цели. Ние очекуваме да станеме членка на НАТО во идните месеци. Но, доколку се пролонгираат преговорите за зачленување во ЕУ, тогаш Унијата ќе изгуби многу од својот кредибилитет. Ентузијазмот за ЕУ во нашата земја ќе падне значително. Луѓето прашуваа, зошто треба да го смениме името на земјата? Ние им рековме за да можеме да станеме дел од ЕУ. Ние исполнивме сè. Сега народот нè прашува – зошто има повторно одложување?“, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за австриски „Пресе“.


Тој вели дека ниту една друга земја не го сменила своето име за да стане дел од евроинтегративните процеси. Претседателот на државата напоменува оти најголемото разочарување било во јуни годинава, кога не било исполнето ветувањето за старт на преговорите.
Премиерот Зоран Заев е свесен оти негативниот одговор од Брисел ќе значи штета на угледот, но и сомнеж во политиките што ги води неговиот тим. Се актуелизира прашањето зошто тогаш е сменето името и зошто беа потребни сите оние мачни моменти во убедувањето на пратеници од опозицијата да гласаат за договорот, а за возврат давајќи амнестии со што беше урнисан правниот систем во земјава. Заев, како и сите функционери од партијата и од владата повторуваат оти се подготвени да платат политичка цена за евентуалниот неуспех, но прашање е која таа? Дали Собранието веднаш ќе се распушти и ќе се формира техничка влада што ќе организира предвремени избори напролет, особено што сè појасно станува дека пописот ќе биде одложен? Или Владата ќе продолжи да владее до крајот на мандатот, но при себе веќе ќе го нема најсилниот аргумент за подобра иднина?

На стопанството му треба редовност
Премиерот Заев вчера ја отфрли можноста за предвремени парламентарни избори, дури и ако не добиеме датум, објаснувајќи оти не смееме да ја загрозиме предвидливоста во општеството.
„Во услови во кои ние како земја немаме алтернатива за НАТО и за ЕУ, политичарите се минливи и менливи, но предвидливоста на стопанството треба да се остави до крај на мандатот. Редовност на изборите е редовност на општеството. Обезбедувањето предвидливост на стопанството е важна работа, па според мене, на нашата земја ѝ требаат редовни избори. И на крајот на октомври идната година за мене се редовни избори“, додава Заев.
„Можно е да има консензус меѓу политичките субјекти во земјава да се оди на предвремени избори веднаш по членството во НАТО за да не се загрози и таа формалност“, вели аналитичарот Петар Арсовски.
Тој не сака да прејудицира каква ќе биде одлуката за датумот ниту, пак, да обвинува оти евентуалното „не“ би било поради вина на Владата или станува збор за недостиг на политичка волја во Брисел.
„Факт е оти Владата ќе плати политичка цена. Дали ќе се распишат брзи избори, дали ќе се формира техничка влада – не знам, но јасно е дека позицијата на Владата нема да биде одржлива на подолг рок. Сметам дека Владата направи грешка во смисла на политички маркетинг, па се добива впечаток дека целиот фокус им бил насочен кон надвор, а не кон решавање на домашните проблеми. Сепак, тоа повеќе ќе им штети на рејтингот дома отколку во позициите надвор, затоа што ако го видите наративот од ЕУ, таму никој не вели дека Владата не си ги извршила задачите“, констатира Арсовски.
Во опозицијата велат дека предвремени парламентарни избори мора да има веднаш по одлуката од Брисел, без оглед дали таа ќе биде позитивна или негативна.


„Патот кон Европа има многу предизвици и проблеми, но еден се чини е најголем и тој упорно ја турка земјава наназад и ѝ ја одзема иднината. Името му е Зоран Заев. Овој човек не умее да испорача резултати, а најмалку европска иднина. Македонија е на погрешна патека, а власта само го троши времето. На граѓаните им е потребна обнова и затоа се спремни да се изборат како никогаш порано“, порача Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
И од Алијансата за Албанците најавуваат дека откако ќе стигне аберот од ЕУ, засилено ќе притиснат да се организираат предвремени избори.
Во ДУИ изминатиов период се изјаснуваа оти не е време за предвремени избори бидејќи фокусот треба да ни биде кон евроинтеграциите, односно кон решавање на економските проблеми во земјава. Сепак, нивниот став е согласно нивната увереност оти до крајот на неделата ќе добиеме датум за преговори. За негативен епилог, не сакаат да размислуваат.

Горан Адамовски