Брисел ја подготви преговарачката рамка за Македонија


Нацрт-преговарачката рамка сега оди кај државите членки на ЕУ и деталите од неа ќе бидат објавени кога тие ќе го усвојат документот, по што ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција

 

На првиот ден откако Германија го презеде претседателство со ЕУ, Европската комисија соопшти дека ги усвоила нацрт-преговарачките рамки за Македонија и Албанија, во кои се утврдени упатствата и принципите за нивните пристапни преговори. Овие рамки Комисијата ќе му ги претстави на Европскиот совет.

Преговарачките рамки ги утврдуваат насоките и принципите за пристапните преговори со секоја земја-кандидат. Нацрт-рамките се поделени на три дела: 1) принципи со кои се регулираат пристапните преговори, 2) суштината на преговорите и 3) процедурата на преговори.  Целта на преговорите е Албанија и Северна Македонија да го усвојат законодавството на ЕУ во целост и да обезбедат негово целосно спроведување и влегување во сила по пристапувањето.

Нацрт-преговарачките рамки се засноваат на искуството од минатите проширувања и тековните преговори за пристапување. Тие ја интегрираат ревидираната методологија за проширување, ги земаат предвид промените во законодавството на ЕУ и, соодветно, ги отсликуваат сопствените заслуги на земјите и специфичните ситуации.

Деталите од преговарачките рамки ќе бидат објавени кога нив ќе ги усвојат земјите членки.

Комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, оцени дека „денес се одбележува уште еден важен чекор на патот на Албанија и Северна Македонија кон Европската унија. Исполнувајќи ја нашата обврска, претставуваме конкретни рамки за спроведување на пристапните преговори. Нашите предлози се засноваат на ревидираната методологија за проширување што ја претставивме во февруари за да го направиме пристапниот процес поверодостоен, со посилно политичко управување, подинамичен и предвидлив. Со нетрпение ги очекувам дискусиите со земјите-членки и што поскоро одржување на првите меѓувладини конференции со двете земји. Нивната иднина јасно припаѓа во Европската унија и убеден сум дека ќе продолжат да ги спроведуваат реформите на нивниот европски пат како што тоа го правеа досега“.

Кредибилитетот на преговарачките рамки, оценува Европската комисија, се зајакнува преку уште посилен фокус на фундаменталните реформи, започнувајќи со владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација, како и економијата на двете земји. Предлозите предвидуваат и посилно политичко управување со процесот и поголема динамичност со организирање на поглавја за преговарање во тематски групи. Предвидливоста на пристапниот процес може да се подобри преку поголема јасност за позитивните последици што може да донесе напредокот на реформите, како и за потенцијалните негативни последици во случај на отсуство на напредок, продолжена стагнација или назадување во спроведувањето на реформите и исполнување на барањата во процесот на пристапување.

Како што се обврза во март кога беше донесена одлуката на Советот, Европската комисија им ги претставува нацрт-преговарачките рамки на земјите членки на ЕУ, кои исто така добиваат и ажуриран извештај за напредокот што двете земји го постигнале во меѓувреме. Откако земјите-членки ќе ги усвојат преговарачките рамки, ротирачкото претседателство со Советот на Европската унија ќе ја претстави договорената генерална позиција на ЕУ на првата меѓувладина конференција со секоја од земјите, кое означува формален почеток на преговорите за пристапување.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, преку соопштение објави дека „денес имам добра, убава вест од Брисел“. Според него, Преговарачката рамка од страна на ЕК е конципирана врз основа на новата методологија за пристапниот процес. „Основна цел на овие измени е пристапниот процес да биде поизвесен, поконкретен, поверодостоен, подинамичен, со засилено политичко управување, влијание од страна на земјите членки, засновано на објективни критериуми и строга и позитивна и негативна условеност, како и реверзибилност“.

Министерот Димитров вели дека „има убава симболика што ЕК ја заврши својата задача врз основа на одлуката од март, токму на 1 јули, денот кога претседавањето со Советот на ЕУ го презема Берлин и јас сум убеден дека како што беше за нас историско хрватското претседателство, така ќе биде и германското претседателство и заедно со германската поддршка во следниве месеци ќе ја отвориме првата меѓувладина конференција.

Работата со Преговарачката рамка не е завршена, меѓутоа денес имаме еден важен исчекор што треба да го одбележиме – ЕК го утврди предлогот и го достави на усвојување, прво на дебата па потоа на усвојување на земјите членки. Да ни е со среќа“, напиша Никола Димитров.