Бранко Героски поднесе оставка од уредничкото место во „Слободен печат“


Бранко Героски утрово поднесе оставка на позицијата главен и одговорен уредник на „Слободен печат“, македонски дневен весник, што го покрена и го водеше пет ипол години.

Во оставката, поднесена до Мирослав Јовановиќ, сосопственик и управител на „Слободен печат“ ДОО – Скопје, Героски вели дека неговата улога во покренувањето и во водењето на весникот во овие тешки и преломни пет ипол години, е значајна и затоа, без лажна скромност, во морална смисла, се смета за негов соосновач.

„Како што знаете, во почетокот, се потрудив да конституирам значајна финансиска поддршка за компанијата, во првата и најтешка година од излегувањето на весникот. Еден подолг период, сѐ до моето вработување во компанијата на 9 февруари 2017 година, весникот го водев како единствен хонорарен главен уредник, за минимален месечен хонорар, придонесувајќи и на тој начин за намалување на трошоците во работењето и за успех на проектот.
Во сиве овие години, потпирајќи се на своето долгогодишно искуство и на нашиот мал редакциски тим, кој во најголема мера самиот го регрутирав, вложив огромни напори нашиот производ да стане успешен и водечки на пазарот. Во текот на страховладата на претходниот режим, поради своите критички написи и јавни настапи, како и поради водењето на весникот, јас лично и моето семејство бевме изложени на безбројни навреди, клеветења и закани“, вели Героски во оставката.

Героски смета дека неговите напори и жртви не биле доволно вреднувани, за што секогаш имал разбирање, поради тешката економска ситуација и поради континуираните политички притисоци врз компанијата во тој период.

„Со сета почит кон придонесот на сите луѓе за растежот на нашата компанија, за што и лично им благодарам, морам да нагласам дека ја поднесувам оваа оставка со исправено чело, бидејќи овој „Слободен печат“ сега е огледало на мојот напор со својата посветеност на професијата и со заеднички труд, да изградиме производ со кој ќе се гордеам не само јас, туку и вие и сите вработени во нашата компанија, затоа што весникот што го создадовме одигра многу важна, би рекол историска улога во обновата на демократијата во Македонија и во освојување на нови пространства на бескрајното поле на слободата и на општествената одговорност“, завршува Героски.

Новинарот и колумнист Злате Лозановски ќе ја заземе позицијата на главен и одговорен уредник во дневниот весник „Слободен печат“. Лозановски работи во весникот од неговото основање. Тој најчесто ги пишуваше кратките коментари кои се објавуваат во графата „Слободен удар“. Негов заменик и понатаму ќе биде уредникот Жарко Јордановски, додека новинарскиот тим, велат од весникот, ќе остане непроменет.