Brain-storming размислувања за иднината на Македонија


МАРЈАН НИКОЛОВ

„Среќата на човекот не може да му ја донесе ни државата, ниту системот, ни политичката партија. Среќата човекот може да си ја создаде само тој самиот. Според тоа, авангардните сили на социјализмот и социјалистичкото општество  можат да имаат само една цел – според можностите на дадениот историски миг да создаваат услови во кои човекот ќе биде што послободен во своето лично изразување и творење што да може – врз основа на општествената сопственост на средствата за производство – слободно да работи и да создава за својата среќа. Тоа е самоуправување“

Едвард Кардељ: „Правци на развојот на политичкиот систем на социјалистичкото самоуправување“ – „Комунист“, Скопје (1977)

 

Пред Ковид-19 пандемијата беше глобалната финансиска, а потоа и економска криза од 2007 година. Пред тоа беше dot-com кризата од 2000 година. Светот веќе три децении живее во идеологијата на две рамки симплифицирани во книгите „Крајот на историјата и последниот човек“ од Фукујама (почеток на 1990-тите) и  „Судирот на цивилизациите“ на Хантингтон (втора половина на 1990-тите). Додека размислувањата од првата книга ни ја донесоа социо-економската парадигма на глобализацијата втемелена на либералнииот капитализам воведен од Вашингтонскиот консензус, втората книга ни го донесе религиозниот и културолошкиот феномен на човештвото како меѓа за конфликти кои и денес ги живвееме.

После финансиско-економската криза од 2007 година човештвото имаше можност да го заузди animal spirits ( Адам Смит) на глобалниот минотаур (Јанис Варуфакис) т.е. интерконтиненталните бизнис интереси на воено-индустрискиот комплекс (Двајт Ајзенхауер) подржан од банкарскиот сектор забревтан во казино капитализмот (Џ.М.Кејнз и Сузан Стрејнџ). Но, наместо очекуваните структурни реформи и прелевање на парите произведени во кујната на квантитативното олеснување (убава интелектуална изрека за печатење на пари) кон оние на кои тоа им е најпотребно – луѓето (најранливите), таа свежо креирана ликвидност беше споделена помеѓу оние кои и доведоа до таа финансиско-економска криза од 2007 година.

Оттука незараснатите раседи на тектонска конфликтност сега зајакнати со ризиците од Ковид-19 (независно од контроверзноста за тоа дали е вештачки креиран за претерана глобална реакција на глобалните актери за задоволување на нивните интереси) доведуваат до раѓање на некоја нова глобална пост-глобализациска парадигма која ќе биде суштинска спротивност на глобализацијата, која ќе ги всидри државите кон преиспитување, интроспекција и зајакнување на нивните национални интереси (веќе најавено преку реториката, одлуките, политиките на претседателот Доналд Трамп).

Во вакви услови особено ќе биде загрозена идејата на ЕУ. Оваа идеја на ЕУ ќе биде загрозена бидејќи ЕУ се покажа дека функционира само во номинални услови кога нема криза. Тогаш кога ќе се појави криза таа е без соодветни лидери за справување со кризата, нема инструменти, нема решенија, и е неефикасна (југословенската криза, грчката финансиска криза, Ковид-19 кризата).

Имајќи го ова предвид, дополнително ќе се изгуби релевантноста на политичкиот лево-десно спектар и ќе се јават популисти-политичари (во замав и во ЕУ) кои секогаш ќе имаат едноставни решенија за комплексни проблеми во овој момент и на ова место. Тоа се политичари кои имаат нејасни непријатели на нацијата кои се рационализирани во глобални ликови. Тоа се политичари кои имаат да разделат за сите по нешто (плати, субвенции) не следејќи основни економски правила за конкурентност, мерит, продуктивност. При тоа, често пати се фаворизираат силно-синдикализирани групи (комори на тнр. бизниси) денес, по цена која сите ќе ја платиме во иднина т.е. познатата парадигма дека профитите се приватизирани, а трошоците се синдикализирани на сите граѓани. Тоа е тој феудален начин на размислување кога ги изземаш функционерите од плаќање на придонеси за хонорари, исто како што ги иззземаш функционерите после патување надвор од земјата да бидат во карантин поради ризиците од Ковид-19.

Реториката на овој тип на политичари дополнително ќе доведе до највулгарна корпоратизација на јавниот сектор. Поради натамошното стеснување на јавниот сектор овие политичари ќе именуваат и ќе бараат функционерии кои нема да има потреба да имаат соодветно познавање од функционалноста на секторот кој треба да го водат бидејќи јавното во управувањето на општиот интерес се стеснува на ниво на нужност и не останува да биде норма/стандард како што и треба да биде. Сѐ е поставено во приватен интерес на естаблишментот (заробеност на државата од партиските елити кои се во спрега со банкарско-медиумскиот стратум креирајќи го естаблишментот во државата). Во овој напад на разумот (Ал Гор) нема кој да зборува во името на граѓаните бидејќи нивните потреби не се синдикализирани во еден глас и бидејќи веќе не се претставувани од репрезентите на парламентарната демократија ниту пак имаат можност да добијат скапи секунди во заробените медиуми.

Оттука свежо звучат зборовите на Едвард Кардељ како цитат од почетокот на овој документ кога се укажува дека „среќата на човекот не може да му ја донесе ни државата, ниту системот, ни политичката партија“. Колку и да звучи надреално, сепак е точно дека не постои во моментот политичка сила која би имала една цел според можностите на дадениот историски миг да создаваат услови во кои човекот ќе биде што послободен во своето лично изразување и творење што да може слободно да работи и да создава за својата среќа (Кардељ)И додека за Кардељ тоа било социјалистичкото самоуправување, денес тоа декларативно е функционалната пазарна економија. Иронично, и социјалистичкото самоуправување тогаш и функционалната пазарна економија денес се само утопии кои никогаш не заживееја на овие простори ниту едната ниту другата општествено-политичко-економска формација.

Контурите на новата рамка во светот

Раѓањето на новиот глобален main-stream општествено-економски формат и рамка ќе почиваат најверојатно на рецидивите од глобализацијата каде ќе доминираат фрикциите од глобалните екстерналии, и тоа: климатските промени, загадувањето по животната средина, природни и човечки предизвикани катастрофи, тероризмот, корупцијата и даночните раеви, здравствени ризици и пандемии, забавување на меѓунардната трговија и протекционизам, технолошки развој со дигитализација и автоматизација и предизвиците поврзани со автоматизацијата (и со нејзиното оданочување) со уште повеќе намалување на уделот на работната сила во распределбата на добивката, управување со информациите и регулацијата на социјалните мрежи. Популистите во националните држави ова ќе го користат за зајакнување на своите позиции и градејќи ги нивните наративи за надворешни непријатели врз незадоволството од глобализацијата и се поочигледниот трибализам. Лековерните маси ќе ги прифатат нивните слатки реторики за одбрана од „непријателите“ од секакви бои. Во економската сфера ова ќе значи дека популистите ќе добиват подршка за ветувања за враќање на работните места дома, но тие работни места преку дигитализација и автоматизација веќе ќе бидат покриени со машини и автомати/роботи. Учеството на капиталот во економијата и натаму ќе се зголемува, а учеството на работниците/платите ќе се намалува. Личното задолжување и несолвентност и натаму ќе растат. И сега во овој момент глобалниот долг е повисок од било кога, но кому светот му должи? Кој е должникот, а кој доверителот во Земјата како хабитат за одржлив развој?

Не зачудува дека овие рецидиви ќе бидат двигатели на меѓународните односи на zero-sum меѓудржавните односи во наредните децении едноставно бидејќи за решавање на овие проблеми е потребен форум за меѓународна соработка, а не арена за остварување на национални интереси на трошок на соседот кон што и не турка во моментот светската политичка елита. Во тие конфликтни зони на екстерналии ќе победуваат оние држави кои имаат воена и економска моќ на уштрб на посиромашните држави.

Како што рековме, во Македонија општествената преговарачка моќ на граѓаните, вработените, невработените во споредба со овие општествено-економско преферирани субјекти (бизнис и банкарски сектор и религиозниот клер) е несиндикализирана, фрагментирана и не е во можност да се избори во моментот за поефикасна распределба на товарот од кризата сега и на среден до долг рок ниту пак сме во можност да ги утврдиме нашите реакции на овие глобални поместувања. Делумно ова е последица на повеќе од една деценија имплементирана економска парадигма и идеологија на либерален капитализам со елементи на заробена држава и корупција која барем да ги исполнеше целите на даночните, фискалните и други политики за воспоставување на ефикасна пазарна економија која ќе почива на конкурентни бизнис субјекти.

Фактори и двигатели за стратешко поставување на политиките во Македонија

Но она што дополнително ќе ги усложни работите се очекуваното дополнително јавно задолжување кое ќе биде поставено на дневен ред после Ковид-19 кризата. Фискалниот простор за задолжување е веќе стеснет поради неприоритетни и корупциски потфати во минатото и ќе биде ставен под притисок со уште поголема сила. Ковид-19 кризата покажа дека притисоците за натамошна приватизација на профитите, за зајкнување на клерот и за синдикализација на трошоците и натаму ќе остава простор за нефер и неефикасно општество со ниска доверба во институциии и со натамошно стеснување на расходите за јавниот интерес. Ова и понатаму ќе биде основен генератор за натамошно иселување на најпродуктивните слоеви од населението.

Иселувањето на продуктивниот стратум од населението на Македонија ќе доведе да демографското механичко стареење на население во Македонија и ќе го достигне просекот на континентална Европа. Кога населението е помладо секако дека трошоците ќе бидат повеќе кон ран дестски развој и кон образование. Овие функции се децентрализирани во Македонија но ниту централната ниту локалната власт размислуваат стратешки што значи тоа за инвестирање и стратешко поставување и кои се ефектите по Македонија на долг рок од овој општествен двигател. Но, со очекувањата за натамошно стареење на населението по природен и по механички пат од иселувањето ќе зајакнепритисокот за повисоки трошоци во јавното здравство. Македонија има среќа што во Југославија овој сектор беше развиен па сега во овие 30 години имало што да се разградува. Постаро население ќе бара повисоки трошоци кон јавно здравстсво, а не кон приватно здравство  едноставни бидејќи не секое семејство има паркирано ауди или мерцедес во гаража.

Растечката нееднаквост во Македонија е без преседан и не се гледа никаков сигнал од естаблишментот дека се тежнее да се подобри ситуацијата на одржлив начин. Во овој дел тривијализирањето со решавање преку политички идеологизам е како брод кој тоне и гледа спас не во нова земја туку во голема санта мраз која се топи побргу од колку бродот што тоне. Поедноставување пак на работата преку вештачки креираниот дуализам за рамни и прогресивни даноци е купување на време за да има што медиумите да покриваат. Вистинските дебати овде се: што е вредност на земјиште, што е вредност на имот, што е социо-економско богатство, што треба да се оданочува, кој е обемот на оданочување, базата на оданочување, дали ќе има преференции, кои категории ќе бидат преферирани/ослободени, кои цели ќе се постигнат, за кој временски период, кој е административниот капацитет на јавната администрација за оданочување и за прибирање на приходи и слично.

Ковид-19 ги остави капацитетите економски неупотребени. Прагот на рентабилност е тема која овде треба да има приоритет над темата за капитални инвестиции и нивна реалиазција која пак само служи за партиски препукувања. Микроекономската категорија за праг на рентабилност ќе отвори прашања за фиксни трошоци кои треба да бидат покриени, за транзициски период за кој ова ќе се однесува бидејќи капацитетите постојат но тие немаат економска употреба поради задушената побарувачка домашна и глобална. Во Македонија затворениот, плиток и без знаење, олигополски и со елементи на кронизам пазар на капитал не успеа и нема да успее соодветно да го управува ризикот со пазарите на материјалните добра дома и во странство и со тоа да си ја зачува базата. Ова е затоа што тој пазар на капитал во Македонија никогаш и не почивал врз пазарни елементи туку секогаш бил неефикасен со елементи на инсајдерство, негативна селекција, кронизам. Ова во Македонија, (како и во светски рамки) ќе не воведе во дефлација поради вишок на капацитети, немањето на ликдвидност (не поради економски причини туку поради други причини). Ова од друга страна ќе ги доведе економските субјекти во несолвентност по што ќе следуваат притисоци и за монетизација на јавниот долг на што пак и нема да биде посебно тешко да се одолее, имајќи  предвид дека ова глобално веќе е направено од страна на Федералните резерви на САД и од страна на Европската централна банка со претходната финасиска криза.

Можни сценарија

Можните сценарија се илустрирани на наредната табела. Секако дека се можни повеќе сценарија и секако дека не мора само овие да се случат но, добро е да генерализираме и да излеземе од main-stream зоната креирана од медиумскиот естаблишмент.

Дистопијански                                                                                                              Brave New World                                                                                                             – Децениско решавање на пост-Ковид-19 социоекономски проблеми                             – Глобално популизмот зема посилен замав                                                                 – Натамошно раслојување и фрагментирање на населението во Македонија

Дистопијански                                                                                                          Mad Max World                                                                                                               – Меѓународните кофликти растат                                                                               – Националните власти воведуваат строгу безбедносни мерки кои суспендираат основни демократски права на човекот                                                                          – Зголемување на воено-полициските трошоци                                                              – Намалени трошоци за јавен интерес во другите сфери

Дистопијански                                                                                                    Soylent Green World                                                                                                      – Нефункционална држава која не може ниту да администрира                                    – Граѓаните не можат да си ги остварат правата                                                           – Нееднаквоста станува екстремна                                                                              – Сиромаштијата ја јаде супстанцата на општеството                                                   – Приватизирани ресурси                                                                                            – Тнр. бизнис сектор отворено ја презема улогата на владини функции

(Марјан Николов е претседател на Центарот за економски анализи)