Божо Вреќо на 21 ноември  со концерт во Филхармонија


Божо Вреќо, босанскохерцеговска ѕвезда на модерниот карасевдах, на 21 ноември доаѓа во Скопје каде што ќе настапи во Македонската филхармонија во 20 часот. Вреќо е лирски тенор кој со својот ангелски глас ги испева најдлабоките емоции. Неговиот пристап е навистина катарзичен, трансверзален и уникатен, како што пишуваат светските медиуми како францускиот ARTE, американскиот New York Times и шпанскиот El Periodico.
 
Споменатите медиуми го нарекуваат и „икона на слободата, ангелски глас што ги милува душите и ги отвора срцата“. За неговата популарност и квалитет најдобро зборува фактот дека билетите за концертот кон крајот на минатата година во Сараево беа распродадени за само седум часа. Вреќо пее за љубовта, копнежот и раздвоеноста, за тагата, меланхолијата и осаменоста. 
 
Секако, ги проучува и мистичностите на балканската автохтона монофона и полифона музика. Неговите концерти се вистински суфи транс кој во себе го носи севдахот во неговата изворна и целосно ослободена форма. Кај луѓето ги ослободува сите потиснати емоции и предизвикува солзи на концертите, како и некои натприродни енергии кои се прелеваат од човек на човек и заедно создаваат бран воодушевување, љубов и катарза. Двојноста со која зрачи овој несекојдневен уметник го прави еден од најзначајните интерпретатори на модерниот карасевдах, кој жанровски навлегува и во сферите на џезот, блузот, спиритуалното и полифоното.