Божиновска: Во ЕСМ начекав минус 80 милиони евра
Во 2017 година, ЕСМ од тогашниот генерален директор беше оставен со 20 милиони евра профит, а денеска после седум години начекав минус 80 милиони евра работење, нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.
– Тоа што го коментирате за нешто што се случило во 2017 година – тогаш вие бевте на власт и имавте седум години нешто да реагирате за тоа. Во 2017 година, ЕСМ од тогашниот генерален директор беше оставен со 20 милиони евра профит, со направени ремонти, со направен тендер за механизација и денеска после седум години начекав – минус 80 милиони евра работење на ЕСМ. Префрлени 379 милиони евра од граѓаните на ЕСМ. Тоа се пари на граѓаните со кои сте можеле да изградите некој објект, рече Божиновска, додавајќи дека во времето на СДСМ во МЕПСО бил вработен несоодветен кадар.
Во фокусот беше и тоа дали министерката Божиновска поседува бугарски пасош на што таа одговори дека поседува македонски и чешки пасош. Во однос на нејзината фирма во Прага, Божиновска истакна дека кога живеела таму морала да основа фирма за да може да купи стан бидејќи, како што рече, со македонски пасош тоа не е можно.
На прашањето за вмешаност на министерката со картел здруженија, Божиновска рече дека нема никава врска со тие здруженија и фирми.
– Во 2014 година немам никаква врска со фирми и картел здруженија. Најубаво би било тие што ви ги напишале прашањата, да бидат малку поинформирани. Тогаш живеев и работев во Белград и немам никакви правни врски со ниту една фирма поврзана во Македонија. А отсега се надевам дека ќе прашувате за работата на Министерството, рече Божиновска.