Божиновска и Меџити стигнаа пред владата со едно возило! Поевтино од такси


За промоција на најновиот концепт за споделување возила – Car Sharing, како дел од заложбите за одржлив урбан транспорт и намалување на загадувањето, министерката за  енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се довезе заедно со првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, на прес-конференција пред зградата на владата.

Меџити и Божиновска пристигаа на платото пред Владата со првото електрично возило на Avant2Go Car-Sharing – Македонија, симболично означувајќи го стартот на оваа иновативна услуга за мобилност по потреба.

Новиот модерен систем за целосно електрично споделено возење Avant2Go Car-Sharing е достапен преку мобилна апликација – практично, еколошко и 24/7 достапно.

Градоначалниците на скопските општини обезбедиле паркинг за овие возила, а во моментот во Скопје, на располагање се 100 возила, со можност за уште повисока бројка. Цената за користење на овие возила ќе биде поевтина од такси-услугите. Се наплаќа по километар и по минута. По километар цената е 22 денари и 5 денари за минута.

Засега возила има на располагање во Гази Баба, Чаир, Кисела Вода и Аеродорм.

Оваа услуга претставува значаен чекор кон одржлив урбан транспорт и намалување на загадувањето во земјата.

Министерот Меџити истакна дека Avant2Go е првиот целосно електричен систем за споделување возила во Македонија, кој се базира на развиена техничка инфраструктура и носи повеќекратни еколошки, социјални и економски придобивки за целото општество.

„Користењето на електрични возила значи нулта емисија на штетни гасови, што директно го намалува загадувањето на воздухот, особено во урбаните средини. Дополнително, електричните возила се многу потивки од класичните, овозможувајќи подобра животна средина во градските јадра. Според светските стандарди, едно car-sharing возило може да замени 10 до 15 приватни автомобили“, истакна Меџити.

Проектот е целосно усогласен со Зелената агенда за Западен Балкан и придонесува кон исполнување на обврските за климатска транзиција, што е клучен елемент во евроинтегративниот процес, додаде првиот вицепремиер.

„Car Sharing услугата носи економски бенефити за граѓаните, бидејќи ги намалува потребите за купување на второ или трето возило во домаќинствата. Avant2Go не е само технолошка новина, туку стратешка инвестиција во екологија, сообраќај и економија, која покажува како иновацијата и одржливоста можат да се спојат за подобра иднина на сите граѓани,“ рече Меџити.