Божиновска и Бислимоски ќе учествуваат на Енергетски самит во Атина

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ќе учествува на 9. Балкански Енергетски Самит во Атина, Грција, кој се одржува под покровителство на Министерството за животна средина и енергија на Грција, Министерството за енергетика на Унгарија и Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на Северна Македонија.
Божиновска, како што соопшти нејзиниот Кабинет, ќе биде дел од министерскиот панел со кој официјално се отвора самитот, и заедно со министри од земјите од регионот ќе дискутира за зајакнување на стратешката енергетска соработка на Балканот. Во фокусот на разговорите ќе бидат регионалната енергетска безбедност, хибридните енергетски решенија и создавањето на заеднички одговор на глобалните предизвици.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, се наведува во соопштението, ќе го претстави националниот план за енергетска транзиција, со акцент на постепеното преминување од јаглен кон хидроген и природен гас – процес што Северна Македонија го води како дел од својата долгорочна енергетска политика.
Оваа година, Балканскиот Енергетски Самит обединува над 40 говорници, меѓу кои министри, регулатори и водечки актери од енергетската индустрија. Настанот претставува клучна бизнис-платформа за стратешки партнерства и отворање на нови можности за инвестиции во енергетскиот сектор во регионот.