Божиновска: Цените на горивата остануваат стабилни – обезбеден дополнителен попуст за дизел


Фото: Б. Грданоски
 
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека преземените мерки од страна на Владата, во комбинација со конкретни чекори од економските оператори, даваат резултати – цените на горивата се стабилизирани, а ценовниот притисок е значително ублажен.
Во таа насока, ОКТА ја продолжува иницијативата за попусти на горивата и по првично предвидениот рок на крајот на март, при што мерката ќе трае до 6 април. Како дел од ова продолжување, попустот за дизел се зголемува од 2 на 3 денари по литар, обезбедувајќи дополнителна поддршка за потрошувачите и придонесувајќи кон стабилизација на пазарот.

Оваа доброволна иницијатива на ОКТА има за цел да им овозможи на трговците овој бенефит да го пренесат на крајните купувачи во земјава. Трговците на големо и мало имаат целосна слобода самостојно да ги дефинираат своите цени, согласно нивната комерцијална политика.

Со продолжувањето на мерката и засилената поддршка за дизелот, компанијата повторно ја потврдува својата посветеност кон стабилноста на пазарот, сигурното снабдување и долгорочното партнерство со трговската мрежа во Република Северна Македонија.