Бошко Јакшиќ: Студентите и граѓаните да не очекуваат помош од ЕУ, таа му помага на Вучиќ

Регионално познатиот надворешно-политички коментатор Бошко Јакшиќ изјави дека Европската унија (ЕУ) нема да реагира на прекумерната употреба на сила од страна на властите против граѓаните и студентите кои протестираат, бидејќи водечките земји на Унијата се спогодуваат со режимот на Александар Вучиќ преку литиум и „рафали“.
Јакшиќ изјави за агенцијата Бета дека студентите и граѓаните кои протестираат треба да сметаа оти нема да добијат поддршка од ЕУ и дека сè што започнале треба да се продолжи според принципот „u se i u svoje kljuse“.
„Од почетокот на студентскиот протест, ЕУ се држи до ставот „почекај и види што ќе се случи“. Во меѓувреме, известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, се дисквалификуваше самиот себеси на несоодветен начин, така што сега останува само комесарката за проширување Марта Кос, чии реакции на настаните во Србија претставуваат типична бирократска дипломатија преку формулацијата ‘изразуваме висок степен на загриженост’. Не е можно да се врши притисок и да се предупредуваат властите во Белград со такви изјави“, рече тој.
Јакшиќ нагласи дека е разочаран од ставот на ЕУ кон настаните во Србија, но дека не е изненаден.
„ЕУ молчи за настаните во Србија бидејќи водечките земји на Унијата се спогодуваат со режимот на Вучиќ преку литиум и ‘рафали’ (авионите што ќе ги купува од Франција – н.з.). Вучиќ има поддршка и од премиерката на Италија, Џорџа Мелони, па владата не мора многу да се грижи за евентуален притисок од Европската унија. Студентите и граѓаните кои протестираат треба да очекуваат дека нема да ја добијат поддршката од ЕУ и дека сè што започнале треба да се продолжи според принципот ‘u se i u svoje kljuse’“, рече коментаторот.
На прашањето какви ќе бидат последиците ако претседателот Вучиќ не добие посериозно предупредување од ЕУ поради ескалацијата на насилството од страна на полицијата и тепачите на СНС, Јакшиќ рече дека најавите на ЕУ не влијаат на владата на Вучиќ.
„Можно е Вучиќ да добие поостро формулирано соопштение од ЕУ, но тоа нема да има ефект. Вучиќ знае дека без оглед на суровоста на формулацијата на ЕУ, тоа него нема никаде да го погоди. Во Србија, власта е заштитена, но граѓаните за кои ЕУ вели дека ги бранат истите европски принципи што ЕУ ги очекува од сегашната влада не се заштитени. Нема да има помош за демонстрантите од ЕУ, ќе има само индиректна поддршка за властите“, рече тој.
Тој, исто така, оцени дека вонредните парламентарни избори нема да бидат распишани под притисок на ЕУ.
„Вонредните избори можат да бидат распишани само под притисок на Србија“, заклучи Јакшиќ.