За Русија Делчев е македонски херој, а за Бугарија „бугарски револуционер“
Како што е објавено на сајтот на бугарската амбасада, во обраќањето Ангелов рекол дека „истакнатиот бугарски револуционер Гоце Делчев го дал животот за слободата на своите браќа. Гоце Делчев ќе остане, независно од сите перипетии на нашата тешка судбина, светол симбол на несебичната пожртвуваност, на заедничката историја и заедничката европска иднина на Бугарија и Република Северна Македонија“.
И вршителот на должноста премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, на својот Фејсбук профил оддаде почит на Гоце Делчев, но иако и тој зборува за „бугарски револуционер“, неговите зборови се сепак повнимателни.
„Денес се навршуваат 118 години од трагичната смрт на големиот бугарски револуционер и македонски војвода Гоце Делчев, кој го даде својот живот за слободата и автономијата на Македонија и Одрин. Гоце Делчев е еден од најсилните симболи на нашата заедничка историја со Република Северна Македонија, заедничка историја што е во основата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година. Нека неговата жртва биде пример за тоа како, час поскоро, да го најдеме вистинскиот пат кон нашата заедничка европска иднина“, пишува Борисов.