Борел го повика Путин да не ги признава самопрогласените републики во Украина


Што ќе извади од папката Жозеп Борел на вечерата со регионалните лидери идната недела

Шефот на ЕУ дипломатијата Жосеп Борел упати повик до рускиот претседател Владимир Путин да не ги признае таканаречените републики Доњецк и Луганска, јави дописничката на МИА од Брисел.

Борел ова го изјави по завршувањето на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ, што се одржа денеска во Брисел и во најголем дел беше посветен на руско-украинскиот конфликт.

-За време на состанок го следевме рускиот Совет за Безбедност со голема загриженост, разбираме дека конечната одлука сѐ уште не е донесена и го повикуваме Путин да го почитува меѓународното право и Договорот од Минск и да не ги признае Доњецк и Луганска. Во случај да одлучи да го стори тоа ќе реагираме во силен и обединет фронт, рече Борел алудирајќи на санкции против Русија.

ЕУ предупреди дека во случај на руски напад санкциите ќе се применат и против Белорусија поради инволвираност на оваа земја во руската воена политика.

ЕУ оценува дека Белорусија се однесува како сателит на Русија и делува нетранспарентно.

-На Русија и нејзините лидери е да одлучат како сакаат да ги гледа меѓународната заедница и историјата, рече Борел.

Претходно Путин оствари телефонски разговори со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, при што ги информирал дека „во блиска иднина има намера да потпише“ указ за признавање на „Доњецката и Луганската народна република“, пренесува прес-службата на Кремљ.

Донечка Народна Република и Луганска Народна Република не се признаени од ниту една членка на ОН.

Германскиот премиер Олаф Шолц одржува итни разговори со „најблиските партнери“ откако Путин најави брзо признавање на независноста на сепаратистичките региони. Претходно, Шолц го предупреди Путин дека признавањето на проруските бунтовници би било „еднострано кршење на мировниот договор“, се вели во соопштението од кабинетот на Олаф Шолц.

И францускиот претседател Макрон изразил голема разочараност од одлуката на Путин и свика итен состанок на националниот Совет за безбедност.

По одлуката на Путин да ги признае сепаратистите, Обединетите нации предупредија дека „едностраните потези може да го поткопаат суверенитетот на Украина“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер напиша: „Со оглед на изјавите дадени на состанокот на Советот за безбедност на Руската Федерација, одржав итни консултации со Емануел Макрон и Олаф Шолц и свикав седница на Советот за национална безбедност и одбрана“.