Бомгартнер: Нон-пејперот е пробен балон кој полека издишува
Амбасадорот на Франција во Македонија, Сирил Бомгартнер, изјави дека големи се шансите лансираниот нон-пејпер во јавноста да биде само пробен балон кој, според реакциите кои се негативни, полека издишува. Тој додаде дека Европа нема во план прекројување на границите на ниту една земја од Балканот.
– Сите реакции беа негативни во однос на нон пејперот, не забележав никаква поддршка за овој документ, што значи дека доколку се работи за пробен балон, тој полека се издишува. Она што можам да кажам е дека на европски план не постои таква намера, рече Бомгартнер.
Во однос на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, францускиот амбасадор изјави дека нема дилема оти тоа ќе се случи, само прашањето е кога и под кои услови.
-Единственото прашање е под кои услови ќе може да се надмине блокадата од страна на Бугарија. Неодамна се одржаа парламентарни избори во Бугарија и тие беа забележани со нови промени таму и сега се наоѓаме во фаза на очекување кое ќе биде новото мнозинство. Исто така Португалија, која претседава со ЕУ, рече дека би сакала да ги отвори пристапните преговори со земјите кандидатки до крајот на нејзиниот мандат, а тоа е крајот на јуни годинава, истакна Бомгартнер.