Болницата „8-ми Септември“ во функција за справување со ширењето на Ковид -19

Фото: Б. Грданоски

Капацитетите на Градската општа болница „8-ми Септември“ се ставени во функција за потребите во справување со ширењето на инфекцијата на коронавирусот Ковид-19.

Како што денеска соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста, болницата, која досега беше наменета за пациенти, што беа сомнителни или позитивни на корона вирусот, а им беше потребна друга здравствена услуга како интервенција – хируршка или во ангеографска сала или ендоскопска, врз основа на препораките на Главниот координативен кризен штаб за справување со КОВИД-19, во зависност од потребите ќе врши внатрешна прераспределба на материјалните капацитети и персоналот.

Во зависност од потребите во болницата ќе се врши реорганизација на просторот и кадарот, а преку Тријажниот центар се прифаќаат пациентите.

Третина од капацитетот на болницата, потсетуваат во соопштението, во моментов е наменет за карантински оддел  со соодветни операциони сали и неопходна опрема за хируршки интервенции на сомнителни на Ковид -19 пациенти.

– Врз основа на воспоставени протоколи при приемот во болницата „8-ми Септември“ на лица кои се во животозагрозувачка состојба, тие ќе се третираат како позитивни на Ковид-19, по што веднаш им се прави потребната интервенција и соодветно ќе бидат згрижени. Пациентите, кои не се во животозагрозувачка состојба, а воедно се третираат како сомнителни на Ковид-19, ќе бидат изолирани во болницата до добивањето на резултатите на тестот на коронавирусот, стои во соопштението.

Од „8-ми Септември“ наведуваат дека будно ја следат актуелната состојба со ширењето на Ковид-19 и болницата е подготвена да се организира и соодветно да функционира според потребите на пациентите и дадената ситуација.