Богоевски: Данела сепак ќе троши во време на криза


Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска преку видео обраќање соопшти дека главниот град за Нова година ќе биде украсен без пари. Таа избегнувајќи ги новинарите, соопшти дека со фирмата „Линк медиа плус“ спогодбено го раскинала договорот од 240.000 евра кој го склучи ексградоначалникот Петре Шилегов.

 

„На 10 декември започнува новогодишното украсување на Скопје. На мојот повик се јавија компании кои ја покажаа својата општествена одговорност, а ‘Линк Медиа’ најави дека ќе го украси  Скопје за Нова Година без фискални импликации по Градот, за што денес склучивме меморандум. Со оваа рационализација, средствата ќе ги пренамениме за ранливите групи граѓани“, кажа Арсовска во видеоснимката.

На објавата реагираше екс пратеникот Павле Богоевски.

„Данела објави дека сепак ќе го украсува Скопје. Наводно, фирмата Линк Медиа бесплатно ќе го украси градот“, напиша  Богоевски. Според него, важни се две работи:

1. Паралелно со бесплатното украсување, Град Скопје објави јавен повик за новогодишен базар Винтерленд, за кој градот ќе обезбеди сретства. Ова е директно спротивно на ветувањето на Данела дека “нема да троши пари на граѓаните за Нова Година во време на криза”;

2. Ништо не е бесплатно во политиката. Во каква форма ќе ни биде испорачана оваа сметка, допрва ќе видиме“, пишува Богоевски. „Ама добро де, барем не се однесуваше арогантно со новинарите. Можеби дека објавата ја направи преку видео на фб, повторно и целосно игнорирајќи ги, ама тоа изгледа е помалку важно во приказнава“, додава тој.

Неделава, Град Скопје на својата веб-страна објави јавен повик за изработка на идеен проект со реализација за настан новогодишен базар „Винтерленд“. Во повикот стои дека право на учество на јавниот повик имаат сите здруженија на граѓани, фондации, федерации, установи, трговски друштва и маркетинг агенции, а користењето на доделените средства ќе биде регулирано согласно потпишан договор со Град Скопје.