Богоев: Спорен е начинот и тајмингот за барањето да се укине Пржинската влада


Фото: Б. Грданоски

ВМРО-ДПМНЕ најави дека денеска ќе достави до Парламентот предлог за укинување на техничката влада и ја повика власта да го поддржи заедно со барањето за предвремени избори. Но таа идеја засега не наидува на поддршка од СДСМ. Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев вели дека е спорен начинот и тајмингот за оваа иницијатива на опозицијата.

-Техничката влада беше резултат на преговори и произлезе од она што го слушнавме во 2015 година од „бомбите“ како државните институции се злоупотребувале во функција на изборите. Ако тоа беше причината, сега ми е драго што со ова барање опозицијата покажува дека оваа Влада умее да организира фер и демократски избори, вели потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев.

Тој за „Утрински брифинг“ посочува дека промените на Изборниот законик мора да дојдат по пат на пошироки разговори и консензус, а не произволно како што сака ВМРО-ДПМНЕ.

-За нас е спорен начинот и тајмингот за ова барање на ВМРО-ДПМНЕ. Тие соочени со неуспехот на нивните градоначалници брзаат да има предвремени избори. Ние треба да разговараме и со коалициските партии, но и со помалите партии за тоа дали воопшто има потреба од техничка влада, истакнува Богоев.

Додаде дека се начна и прашањето за една изборна единица и тоа, како што наведува Богоев, се сегменти од Изборниот законик и има време до 2024 година да се отворат овие прашања.

-Ние сме подготвени за промени на Изборниот законик, но треба да бидат подготвени и другите за изборите да бидат легитимни, вели Богоев.