Богоев и Шилегов: Нема логика Пендаровски да биде казнет, а најавува да ја води државата напред
– Пораката од граѓаните е примена и таа допира до нас, рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во врска со резултатите од првиот круг на претседателските избори, каде СДСМ го изгуби водството во 43 општини каде освои градоначалнички места на последните локални избори.
Сепак, додаде Шилегов, граѓаните не треба да ја казнуваат државата ако се незадоволни од владејачката партија.
-Процесот на утврдување на индивидуална одговорност е почната кај СДСМ. Ако не се задоволни од владеењето на СДСМ, не треба да ја казниме државата. Чувствувам одговорност кон граѓаните и треба да се решаваат проблемите – рече Шилегов.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, пак, им порача на гласачите дека кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, ги заслужува нивните гласови. Тој не се согласува со констатацијата дека првиот круг е поразителен за СДСМ.
-Не би рекол дека е лош резултатот. Најверојатно тоа е порака дека некои работи треба да ги забрзаме. Ваквите пораки сериозно се сфаќаат од наша страна. Во вториот круг нема логика да биде казнет Пендаровски, кој најавува дека ќе ја води државата напред – рече Богоев.