Богдановиќ ќе искористи сè што му е на располагање, пред да даде дозвола за градба кај „Холидеј ин“


Општина Центар до Министерството за транспорт и врски уште во декември 2020 година доставила барање за суспензија на спорните Детални урбанистички планови, тврди градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ во интервју за МИА, кој смета дека од Министерството за транспорт и врски, како и од други институции треба да им се дообјаснат одредени методологии како да пристапат.

– Елаборат е општ поим, значи дали е тоа елаборат за нарушување на животната средина или за јавниот интерес. Што е јавен интерес, кога најголем дел од парцелите се приватни, треба тоа јасно да нѝ се дефинира. Значи ние треба да кажеме што е тоа што планираме, а што треба да се направи и дали навистина влегува во тој дел што денеска го дискутираме – вели Богдановиќ.

Но, тој бара и другите институции да си ја завршат работата.

– Ако овие институции како Антикорупциска, судство, обвинителство, покренат процеси и тоа што ние го докажуваме, го докажат во судска постапка, тогаш можат да направат голема услуга и сите тие планови судски со одлука на Суд да не се спроведуваат, нагласи Богдановиќ.

Додава дека без разлика што сега е тргнат мораториумот за градба со одлука на Уставниот суд, нема да дозволат такви габарити да се градат, додека не се усогласат максимално со сите законски рамки.

Советот на Општина Центар во 2012 година носи одлука за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план со кој се предвидува изградба на 60-катници на локацијата спроти „Холидеј Ин“. Со одлука на Советот на Општината во 2017 година овој ДУП се става под мораториум, а подоцна во 2019 година повторно се прогласува мораториум. Која е причината што досега не е усогласен планот со Генералниот урбанистички план, Богдановиќ вели дека Општина Центар преземала соодветни чекори за да можат да ги ревидираат Деталните урбанистички планови, т.е. да ги усогласиме со Генералниот урбанистички план.

– Моментот што нѝ се случи беше што Уставен суд прв пат, а потоа уште еднаш нѝ ја укина нашата одлука за мораториум, односно за неспроведување на плановите и со тоа почнаа да важат и старите планови. Кажав дека нашата борба ќе продолжи. Мораториумот беше најјака алатка, но сега ќе продолжиме на некој начин со други алатки кои ни се ставени на располагање – вели Богдановиќ за МИА:

За тоа зошто досега не доставиле елаборат во Министерството за транспорт и врски за времено да се суспендира планот, Боградновиќ вели дека самиот нов Закон на некој начин придонел мораториумот да биде укинат.

– Зошто? Затоа што во претходниот Закон не беше јасно дефинирана рамката кога може и колку да трае. На некој начин, вие сега имате можност да ставите план под суспензија, но во рок од траење од шест месеци за дел од план или година дена, но морате јасно и прецизно да ги нагласите и да бидете подготвени, бидејќи секоја штета која може да настане треба да ја претрпи Општината. Ние испративме до Министерството за транспорт и врски уште во декември. Моментот е што таму и од дел од институциите треба да ни се дообјаснат одредени методологии како да пристапиме. Бидејќи елаборат е општ поим, значи дали е тоа елаборат за нарушување на животната средина или за јавниот интерес. Што е јавен интерес, кога најголем дел од парцелите има и приватен, треба тоа јасно да ни се дефинира. Значи ние треба да кажеме што е тоа што планираме, а што треба да се направи и дали навистина влегува во тој дел што денеска го дискутираме – појаснува градоначалникот на Општина Центар.

Вчера се обратиле и до Антикорупциската комисија бидејќи и тие можат да преземат одредени мерки.

– Видете, и да покренете одреден план за суспензија, шест месеци ќе поминат, и ако не го смените, може да платите и казна и повторно да се реализира. Ако овие институции како Антикорупциска, судство, обвинителство, покренат процеси и тоа што ние го докажуваме, го докажат во судска постапка, тогаш можат да направат голема услуга и сите тие планови судски со одлука на Суд да не се спроведуваат. Едноставно не знам зошто не покренуваат, треба тоа нив да ги прашате. Јас апелирам ако навистина сакаат и се грижат за јавниот интерес тогаш да придонесат и да помогнат – вели Богдановиќ.

На прашањето дали доколку се исцрпат сите механизми да се спречи овој ДУП, ќе дадет дозволата за градба на овој план, Богдановиќ вели дека како Општина ќе направате сè што може, „не само јас и сите институции кои ги споменувам цело време, да направат сè што можат, за да прво, расчистиме со сите оние недоследности, недоречености, за на крајот сите да бидат чисти, бидејќи во јавност се појавуваат разни шпекулации, слики, кои 99 отсто не се точни“.

Сепак не дава конечен одговор дали ќе даде дозвола за градба.