Богдановиќ ја викна на помош Антикорупциската комисија


Градноначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска и останатите членови, најавија продолжување на започнатите активности со кои треба да се расчистат одредени предмети за кои општината веќе покрена конкретни постапки пред институциите.

Општина Центар до ДКСК достави извештај за повеќе предмети, кои доколку бидат расчистени од страна на останатите институции, ќе придонесат во решавањето на состојбата со урбанистичките планови кои Уставниот суд, после укинатата општинска одлука за неспроведување на плановите („мораториум“), ги прогласи за законски и важечки.

“Со предавањето на овие предмети мислам дека заедно со членовите на ДКСК ќе дадеме забрзан тек на работите, бидејќи со расчистување на тие предмети ќе успееме да докажеме одредени незаконски работи кои се случувале во минатото, а за жал денеска ги гледаме како последици. Најважно е сите процеси кои се водат пред сите институции, но и процесите кои ги води Центар да бидат јасни и чисти и точно да се знае каде се направени прекршувања и кој ќе сноси одговорност за нив“, изјави на прес конференцијата Богдановиќ.

-Ако сите институции и судски органи си ја вршат работата за која земаат плата, многу работи ќе беа поинакви и немаше да се реализираат планови кои се спротивни на Генералниот урбанистички план, изјави Богдановиќ по повод локацијата кај „Холидеј ин“, каде што се предвидени три висококатници. 

Тој тврди дека досега никој не мрднал да направи ништо за да му помогне да го спроведе мораториумот на градби.

-Ако многу од тие предмети се решат во корист на Општината значително ќе се измени ситуацијата на одредени локации. Ако се докаже дека имало спорна продажба на земјиште, може да ја укинеме таа градба и просторот да се врати во првобитна состојба. За жал, цел овој период никој не мрдна за да се направи нешто. Од 2012 ние сме единствени кои нешто правиме. И другите институции да реагираа, многу работи ќе се сменеа. Ама еве, завршете си ја работата за која земате плата, за тоа што сносите одговорност. Ние покренуваме постапки, донесовме мораториум два пати. Јавно кажувам – аман за аман, преземете нешто. Значи имаме неусогласен план, ама ако некој не ги фати за гуша тие што го направиле и одобриле планот џабе расправаме сега“, рече Богдановиќ.