Бочварски: За капитални инвестиции се 91,7 отсто од буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2022 година


Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2022 година е позициониран на ниво од 11,865 милијарди денари, од кои 10,885 милијарди денари се наменети за реализација на капитални проекти. Со него предвидуваме да оствариме високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на патната мрежа, железницата, гасификацијата и комуналната инфраструктура. Дури 91,7  отсто од средствата се наменети за капитални проекти, информира ресорниот министер Благој Бочварски.

-Капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата кон Бугарија. Силен фокус даваме на доизградба на автопатските делници на коридорите 8 и 10 д, а изградбата на магистралните гасоводи остануваат приоритет и за следната година. За поквалитетен живот на граѓаните продолжуваме со изградба на канализации и водоводи во општините, рече Бочварски на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека ќе се засилат активностите за изградба на локални улици и патишта, со несмален интензитет ќе продолжи изградбата на брана на река Отиња во Штип, обезбедени се средства за Град Скопје за изградба на инфраструктура за брз автобуски превоз низ градот, а продолжува и проектот за финансиска поддршка на нови авиолинии.

-Генерално, развојната компонента на Буџетот ни дава очекување дека следната година ќе имаме непречено финансирање на проектите заради остварување на инвестициските цели на Министерството. Проектиравме 6,188 милијарди денари за изградба на автопатат на Коридор 8 односно автопатските делници: Тетово – Гостивар – Букојчани и делница Требеништа – Струга – Ќафасан, како и автопатската делница Прилеп – Битола на Коридор 10 д, посочи Бочварски.

Со оваа инвестиција, додаде, го заокружуваме планот за изградба на модерна патна инфраструктура од запад кон исток, имајќи предвид дека се работи на патен правец дел од европската мрежа на коридори.

-Посебен фокус даваме и на изградба на железницата кон Република Бугарија. За оваа намена во Буџетот предвидовме 2,576 милијарди денари. Согласно тендерските процедури, очекуваме дека во првиот квартал од следната година ќе имаме избрано изведувач и ќе започнеме со изградба на двете делници од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка. Исто така, ќе продолжиме со одржување на железничката инфраструктура на Коридор 10, прецизира Бочварски.

Како значаен проект преку кој во континуитет Министерството им обезбедува поддршка на сите општини ја посочи реконструкција на локалната патна мрежа.

-За следната година проектирани се 738 милиони денари за реконструкција и изградба на улици во општините, важен проект за подобрување на условите за живот на граѓаните. Досега опфатени се околу 60 километри улици, инвестираме над 11 милиони евра, опфативме вкупно 62 улици, Во тек е подготовка за објава на трет повик кој треба да опфати реконструкција на локални улици во должина од дополнителни 60 километри, нагласи Бочварски.

Во буџетот на Министерството за наредната година, како што кажа, предвидени се и 275 милиони денар за доизградба на двата магистрални гасоводи, од Неготино преку Прилеп до Битола, каде работите се завршени над 95 отсто и од Скопје – Тетово до Гостивар, каде реализацијата е околу 80 проценти.

-Преку НЕР се подготвува постапка за изградба на интерконекторот со Грција. Очекуваме следната година да објавиме јавен повик за изведба и изградба. Во завршна фаза е и проектот за магистралниот гасовод од Гостивар до Кичево и Велес – Свети Николе, рече Бочварски.

Со средства од Европската инвестициска банка следната година, појасни, ќе се  инвестираат 428 милиони денари за изградба на водоводни и канализациски линии, а преку КФВ банката дополнително ќе се инвестираат 226 милиони денари за водоводни системи во Гевгелија, Кавадарци, Радовиш и Гостивар. Од посебна програма на Министерството проектирани се 60 милиони денари наменети за подобрување на водоснабдувањето и за реконструкција на канализациски мрежи со што вкупно за оваа намена се планирани 836 милиони денари.

-Со несмален интензитет продолжуваме со изградба на браната на река Отиња во Штип за што предвидовме 99,6 милиони денари. Очекуваме следната година да се раздвижи авиосообраќајот и повторно да се воспостават редуцираните линии. Предвидени се 70 милиони денари за финансиска поддршка за воспоставување на нови авиолинии.Планираме да распишеме нов јавен повик со оглед дека договорот со авиокомпанијата Визер истекува на 1 март 2022 година, истакна Бочварски.

Како што кажа, 399 милиони денари се предвидени за воспоставување на интелегентен транспортен систем на Коридор 10 со што ќе се подигне безбедноста во сообраќајот и ќе се овозможи поефикасен транспорт.

-Во буџетот за следната година предвидовме 246 милиони денари за воведување на брз автобуски превоз во Скопје. Би сакал да потенцирам дека тендерската постапка за овој проект е во тек, и од тука сакам да упатам апел до Град Скопје да ги преиспита најавите за откажување од овој проект. Повикуваме, Градот Скопје да ја преиспитаат одлуката бидејќи секое отстапување од ваков систем на транспорт, нема да донесе поефикасен превоз во главниот град, рече Бочварски.

Проектирани се, додаде, и 18 милиони денари за изработка на урбанистички планови за општини кои немаат доволно средства за оваа намена, обезбедени се 20 милиони денари за проекти во општините со ромско население.

-Во соработка со ЈП за државни патишта продолжуваме со силниот инвестициски циклус во изградба и модернизација на патната мрежа. Очекуваме Собранието да го изгласа анексот за продолжување на изградба на автопатот Кичево-Охрид и градежните работи да се засилат со потребната динамика и да се заврши во предвидениот рок. Следната година ќе се заврши изградбата на експресниот пат од Штип до Радовиш, и тоа четири месеци пред рокот, ќе заврши и изградбата на експресниот пат од Крупиште до Кочан, а интензивно ќе продолжиме со изградба на експресниот пат од Градско кон Прилеп и од Ранковце до Крива Паланка. Градежните работи на автопатот Скопје-Блаце се одвиваат со добра динамика, очекуваме во следната година, првата фаза да биде пуштена за сообраќај и да биде распишана и постапката за избор на изведувач за втората фаза од село Блаце до аеродром Стенковец. Во континуитет продолжуваме со рехабилитација на магистралната патна мрежа, потенцира Бочварски.