Бочварски: Клучен капитален проект за 2021 е железничката пруга кон Бугарија

Буџетот за 2021 година на Министерството за транспорт и врски е развоен буџет во кој најголем дел од проектираните средства или 83 проценти се расходи наменети за капитални проекти.

На денешната прес-конференција министерот Благој Бочварски рече дека предлог-буџетот на Министерството е 5 милијарди и 306 милиони денари, од кои 4 милијарди и 404 милиони денари се наменети за капитални проекти.

„Клучен капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата на Коридор 8 за што проектиравме 1 милијарда и 800 милиони денари. Силен фокус ќе дадеме на доизградба на магистралните гасоводи како важен сегмент за одржување на економската стабилност на домашното стопанство, за што планиравме 749 милиони денари. За поквалитетен живот на граѓаните обезбедивме 937 милиони денари за изградба и реконструкција на канализации и водоводи во општините. За следната година веќе обезбедивме 615 милиони денари за изградба и санација на локални улици и патишта во општините“, рече Бочварски. Тој е горд што како поранешен градоначалник на Штип биле проектирани проектиравме 150 милиони денари за браната на реката Отиња.

Следната година во соработка со Град Скопје се отпочнува проект за брз автобуски превоз на градот каде Град Скопје е носител и имплементатор на проектот, а Министерството за транспорт и врски е овластен претставник за земјата за повлекување на средства од ЕБОР. За таа цел за 2021 година за оваа намена предвидени се 33 милиони денари.

Исто така со буџетот планирани се и 69 милиони денари за финансиска поддршка за воведување на нови авиолинии.