Блокираната „Пластичарска“ го блокира цело Скопје
Протестот на револтираните жители на скопската населба Серава кои два дена немаат струја, денес го блокира цело Скопје. Заради блокираната улица „Пластичарска“, во близина на булеварот „Никола Карев“, чиј сообраќај беше целосно пренасочен во двата правци, предизвика застој на раскрсниците низ главниот град, па сообраќајна полиција мораше да го регулира сообраќајот што предизвика револт кај возачите на автомобили и патниците кои се враќаа од работа дома со автобус. Шоферите трубеа нервозно, патниците на постојките со часови се смрзнуваа, а автобуси немаше ниту за лек. Дури ни службените владини автомобили не можеа да се пробијат низ гужвите на улиците.
Дефектот во електродистрибутивната мрежа во скопската населба Серава настанал на 21 декември 2025 година (недела) како резултат на долготрајни и неконтролирани кражби на електрична енергија, како и поради континуирано спречување на екипите на Електродистрибуција во извршувањето на работните активности за одржување на мрежата, информираа од ЕВН за „24 Инфо“.
Според компанијата, веќе подолг временски период дел од жителите на улиците „Исмаил Кадаре“ и „Кумбара“ го попречуваат проектот за реконструкција на нисконапонската мрежа и дислокација на броилата. На екипите на Електродистрибуција, како што се наведува, им се упатуваат вербални закани, поради што им е целосно оневозможено нормално функционирање на терен.
Од ЕВН предупредуваат дека сè додека нивните екипи немаат пристап за реализација на проектот за реконструкција на мрежата, нема да биде можно трајно санирање на дефектите, кои ќе продолжат да се појавуваат и во иднина поради преоптовареноста од нелегални приклучувања.
Од ЕВН посочуваат дека состојбата во овој регион е сериозна, со загуби на електрична енергија кои надминуваат 70 проценти, додека наплатата изнесува околу 60 проценти, и апелираат на соработка за да се обезбеди стабилно и безбедно снабдување со електрична енергија.