Битолските улици преполни со кучиња скитници


Според податоци на граѓански организации има 400 бездомни животни на територија на општина Битола

Зачестија извештаите во полициските билтени како кучиња скитници нападнале граѓани. Градските власти засега немаат решение за проблемот, планираат изградба на стационар

 

БИТОЛА – Глутници од  кучиња скитници ги плашат граѓаните низ битолските улици, особено на Широк Сокак, најфреквентната улица во градот, Новиот пазар и маркетот „Веро“. Билтенот на СВР-Битола во последниот период зачести со извештаи за нападнати и каснати граѓани од куче скитник. Според последниот пријавен случај, граѓаните не се безбедни ни во сопствениот двор. Така, некни А.Н.(27) од селото Кравари, Битолско, пријавила дека во нејзиниот двор била касната од куче скитник. Според официјалните податоци на СВР-Битола само за првите три месеци од годината има 10 пријави од граѓани кои биле каснати од куче скитник. Лани таа бројка изнесувала 28 пријави.

Жители на повеќе населби се жалат дека ни ноќе ни дење не можат да ги стават децата да си поиграат пред зграда или на улицата токму поради опасноста од кучињата скитници кои се движат заедно по неколку во група, лаат и напаѓаат и пешаци и велосипедисти, ама и трчаат по автомобили во движење.

Најчестата слика на Широк Сокак е кучиња скитници големи по раст да лежат пред вратите од дуќаните или да напаѓаат кучиња, домашни миленици. Најголем дел од кучињата се со маркица на ушите, но тоа не ја менува сликата.

„Тешко е да се помине низ Широк Сокак а да не ви го привлечат вниманието кучињата скитници, или лаат по кучиња домашни миленици и напаѓаат и тоа сами се напаѓаат меѓу себе, па сликата не е пријатна. Се чудам како досега власта не успеа да најде решение. Исто така, големи кучиња по раст се собираат околу контејнерите пред колективните згради, па пред да го фрлиш ѓубрето трчаат и напаѓаат, мора да се најде начин, зашто се почесто читаме по медиуми како куче скитник нападнало човек“, вели битолчанката Жана Георгиевска.

Последните реакции стигаа од жители од населбата Ушици и околу ОУ„Тодор Ангелевски“, каде жителите се жалат дека глутница кучиња ги напаѓаат минувачите и тешко  е да се одбранат, особено навечер.

„Бараме спас од кучињата скитници, лаат по нас, по децата. Пријавивме неколку пати во ‘Комуналец’, неколку семејства, но засега сликата е иста. Често влегуваат и по влезовите внатре во зградата во потрага по храна“, вели Елизабета Петровска од населбата Ушици.

Кучињата скитници особено прават проблем на булеварот „Васко Карангелевски“ во Нова Битола каде по десеттина се полегнати во Новиот градски пазар пред скалите и пристапните влезови, а често се пуштаат по автомобилите во движење, па возачите за да не ги удрат се доведуваат во ризик од наглото кочење да предизвикаат сообраќајна незгода.

Од Општина Битола велат дека преку ЈП „Комуналец“ општината постапува во рамките на законските можности, така што врши заловување на кучињата скитници, привремено сместување во стационар од каде што се носат на ветеринар каде што се постапува од стручно лице. Според нив, се става маркица после третманот и крајно, заловените кучиња мора, согласно закон, да се вратат на местото каде што се заловени.

Од Општина Битола велат дека бараат начин за трајно решени на проблемот.

„Во однос на проблемот со кучињата скитници, пристапуваме со изнаоѓање на долгорочно и трајно решение. Во моментов Општина Битола го изработува урбанистичкиот план за стационар за бездомни кучиња, кој е во завршна фаза. Локацијата е на земјиште во сопственост на РСМ, за кое што по изработката на урбанистичката документација, ќе се изврши пренамена на земјиштето“, велат од општината.

Според податоци на граѓански организации од последните години избројани се 400 бездомни животни на територија на општина Битола. (А.Б.)