Битолската гимназија изроди врвни ликовни уметници
БИТОЛА – Битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ изроди врвни ликовни уметници значајни за македонската ликовна и културна сцена. Синоќа во битолската „Магаза“ по повод големиот јубилеј, 80 години настава на современ македонски јазик беше поставена изложба од врвни, признати и познати ликовни уметници во државата, поранешни ученици и поранешни професори во гимназијата. Изложбата е насловена „Историски осврт на автори и уметници кои предавале или учеле во Гимназијата“.
Публиката можеше да види дела од уметникот Тоде Ивановски (1924-2005), сликар на мотиви од НОБ, кој две години се школувал во Гимназијата, но поради прогресивни национални идеи предизвикал недоразбирање со своите професори и заминал во партизани.
Врвниот уметник Борислав Траиковски (1917-1996), исто така бил ученик во Битолската гимназија до 1937 година, кога негови професори по предметот уметност биле Виктор Сољаник-Краса и Драгутин Спасиќ. Симеон Силјановски (1942) е познат македонски уметник , ученик на Гимназијата чии талент го забележува професорот Пецо Видимче, исто така познат и признат ликовен уметник со врвни уметнички дела, па Силјановски поттикнат, продолжил да се школува на Ликовната академија во Белград. Меѓу познатите ликовни творци, професори во Гимназијата се издвојува и Зекман Ракиповски – Зеко (1957-2020). Уметницата Јована Тодороска (2001) од Охрид е исто така ученик во Гимназијата со реализирани дваесетина групни изложи и самостојна изложба во Загреб. А меѓу познатите уметници, ученици на Гимназијата е и Николче Српчански, иконописец и сликар, конзерватор и реставратор.
„Во Гимназијата, сиве овие години, поминале, некои како наставен кадар, а некои како ученици голем број познати ликовни автори кои оставиле свој печат во македонската ликовна уметност и на меѓународната ликовна сцена. Основната идеја за оваа изложба беше за да се направи документирање на ликовните уметници кои биле дел од наставниот процес и историјата на гимназијата. Опфатен е делот од повоената генерација, современи автори и автори од помладата генерација“, рече професорот по ликовна уметност Александар М. Поповски, ликовен уметник.
Професорот по ликовна уметност и ликовен уметник, Димче Солаковски вели дека во процесот на образование во Битолската гимназија се создаваат личност кои имаат свест за сопствената култура, за уметноста како потреба на животот а не како луксуз или нешто што е далеку од нив.
„Јас сум дипломиран ликовен уметник и знаењето што ми се всади во Гимназијата ми даде цврсти теоретски темели за да работам и да творам како уметник. Уметниците без многу очекувања се вложувале во културата на оваа земја. Ние ги живееме тие придобивки на таа култура. За среќа и оваа година имаме ученици од гимназијата кои се заинтересирани да го продолжат школувањето на факултетите за ликовна уметност“, изјави Солаковски. (А.Б.)