Битолчанката Мила Ивановска избрана да студира на Харвард


Мила Ивановска го оствари својот животен сон

БИТОЛА – Матурантката од Битола Мила Ивановска доби финансиска помош да студира на Универзитетот Харвард  во Соединетите Американски Држави.

Мила ѝ е добро позната на битолската и македонската јавност како ученик во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ која на два пати се закити со високи награди на интернационални натпревари по природни науки во Холандија и Боцвана. Како и со балкански и државни награди по математика. Желбата на Мила е да студира физика на Харвард. При нејзината апликација ѝ кажале дека тешко е да се влезе на овој универзитет кој е на самиот врв во светот, но избраните студенти не треба да се грижат за финансиите околу студирањето. Мила е единствена од нејзината генерација да студира на Харвард, а најверојатно и од Македонија. Последниот студен од Македонија на Харвард заминал во 2015 година.

„Сакав да студирам на Харвард и успеав. Аплицирав и добив финансиска помош за интернационални странски студенти на Харвард, најстариот универзитет во Кембриџ, САД. Тоа значи дека факултетот ги осигура сите ученици да можат да си дозволат да се образуваат таму. Нашиот стандард и примањата се ниски во споредба со нивните. За секој ученик чие семејство има годишни примања под 65 илјади долари нема да се очекува никаков придонес од родителите да партиципираат во школувањето, така ме примија на универзитетот и сите трошоци ми ги подмируваат тие“, вели Ивановска за „Независен“ .  

Мила сама реши да аплицира на Харвард уште во лани во есента. Аплицирала и за други европски универзитети во Англија и Франција и била примена на тамошни факултети но сепак заради условите се одлучила за Америка.

„Харвард ќе ми отвори многу можности во животот, сакам да се занимавам со истражувачка дејност, нешто што кај нас го нема. Сакам да работам во некој од светските истражувачки центри. Ако завршам физика ќе бидам само професор по физика, а по факултетот сакам да продолжам и на постдипломски студии. Дали и тие ќе бидат на Харвард ќе видиме, има време“, вели Мила. 

По матурирањето во август Мила ова лето заминува за Харвард.  (А.Б.)