Битола: Ученик на час по физичко каснат од куче скитник

Проблемот со кучињата скитници станува алармантен во Битола. Општината само лани исплати 47.296 евра за каснувања од кучиња


Дворот на училиштетот „Тодор Ангелевски“ во Битола

 

БИТОЛА – Ученик од осмо одделение бил каснат од куче скитник утрово, на час по физичко воспитување во основното училиште „Тодор Ангелевски“ во Битола. Битолчани реагираат до медиумите дека проблемот стана долгогодишен и дека не се веќе безбедни ни на улица, ни пак нивните деца во училиште.

Директорот на училиштето „Тодор Ангелевски“, Стевче Петровски, го потврдува случајот и вели дека ова е прв ваков случај, но смета дека кучињата скитници не се проблем само во училишниот двор туку низ цел град. 

„Ученикот е малку каснат на ногата, но е добро. Инцидентот се случил утрово, кога во дворот имало шест-седум кучиња скитници. Кучиња доаѓале и друг пат, но досега не биле агресивни. Не знаеме што точно се случило, родителите го зедоа детето и го однесоа на болница. Утре ќе имаме состанок за овој проблем. Ова е проблем на целиот град. А нашиот училишен двор е тешко да се затвори и да се контролира, бидејќи е многу голем и на неколку места отворен“, изјави директорот на училиштето Петровски за „Независен“.  

Од СВР Битола ни потврдија дека утрово случајот бил пријавен и во полиција од страна на таткото на ученикот, кој кажал дека настанот се случил на училиште и дека детето се здобило со повреди од каснувањето.

„Случајот со ученикот каснат од куче скитник во училишниот двор на часот по физичко воспитување е пријавен во 8 часот денеска. Нанесени му се повреди на детето. Заклучно со денешниот ден од почетокот на оваа година евидентирани се 29 случаи на граѓани каснати од бездомни кучиња“, ни потврди Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

Само во изминатите две недели СБР Битола информира за неколку каснувања од кучиња скитници. Граѓани на Битола на возраст од 38, 52 и 69 години биле каснати од кучиња скитници на неколку локации во Битола.

Проблемот со кучињата скитници од ден на ден е сѐ поалармантен во Битола и околните села, каде исто така има случаи на каснување од кучиња скитници.

Општината лани почна со подготовки за изградба на прифатилиште за кучињата во дворот на Средното земјоделско училиште. Избран е и оператор што согласно донесената програма врши заловување и ветеринарен третман на бездомните кучиња, а до пред три месеци на тој начин беа третирани 122 бездомни кучиња на повеќе локации низ градот. На кучињата им се ставаат ушни маркици и се врши тест за социјализација.

Во бројки и во пари пресметано само за ланската година Општина Битола за каснати од кучиња исплатила 47.296 евра. Оваа сума е речиси два пати повисока од исплатената отштета за 2021 година.

Општина Битола бара средства од Владата за изградба на стационарот.

„Општина Битола има веќе изработено основен проект за изградба на стационар за бездомни кучиња, обезбедени се финансиски средства од буџетот на Општина Битола за почеток на градбата, што значи оваа година Битола ќе добие прифатилиште за бездомни животни. Но, во исто време поднесовме иницијатива до Владата по изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека ќе помогне во решавање на овој проблем, да ни одобри средства за прифатилиштето, ако тоа не го направи ние како општина ќе го изградиме. Финансиската конструкција е над 50 милиони денари кои ќе бидат искористени за изградба на тоа прифатилиште“, најави Бојан Бојкоски, советник во Советот на Битола од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.