Битола: Општинскиот ревизор открил незаконско трошење во училиштата

Директорите поставени во времето кога со општината раководеше СДСМ велат дека новата локална власт ги претворила ушилиштата во судници


Ревизија се правеше и во подрачното основно училиште „Александар Турунџев“ во Кукуречани

 

БИТОЛА – Сериозни забелешки во однос на трошењето на јавните пари во делот на јавните набавки констатирал општинскиот ревизор во дел од битолските училишта. Директорите поставени од СДСМ велат дека новата локална власт училиштата ги претвори во судници.

По смената на локалната власт во Битола, општината прати внатрешен ревизор со цел да ја констатира финансиската состојба во основните и средните училишта во градот и работата на директорите поставени од СДСМ. Јазот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Битола се продлабочува, особено откако најголем дел од директорите поставени од екс-градоначалничката Наташа Петровска решија да си ги истераат мандатите до крај, иако СДСМ ја изгуби власта во Битола, а училиштата се под ингеренции на општината.

Сепак, забелешките на внатрешниот ревизор можат да бидат сериозен повод за постапување на инспекциите и другите надлежни органи.

Според информациите од општина Битола, комплетно е завршена ревизијата во подрачното ОУ „Александар Турунџев“ во Кукуречани, каде „внатрешниот ревизор, имаше сериозни забелешки во однос на законитоста на трошењето на јавните средства на училиштето во однос на законот за јавни набавки“.

Во моментот, во тек е ревизија во средно општинско училиште, каде исто така има загрижувачки податоци во однос на трошењето на финансиските средства, велат од општина Битола за „Независен“.

Што се однесува до ревизијата во подрачното основно училиште „Александар Турунџев“, каде директор е Бранка Лазаревска, кадар на СДСМ, меѓу другото се вели дека се спроведени постапки без фер конкуренција меѓу економските оператори, нееднаква положба на понудувачите и нетранспарентност во набавките. Всушност, констатирани се набавки под 1.000 евра за да не се внесат во план за јавни набавки и да не мора да се спроведе постапка.

„За реализација на проект ‘Предизвик за млади истражувачи’ финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој, преземени се обврски во износ од 140.361 денари, без да биде преземена постапка за јавна набавка од мала вредност. За набавената опрема систем на соларни фотонапонски панели доставени се три фактури во ист ден во кои се поделени елементите на системот да одговараат на износи под вредносниот праг од 1.000 евра, спротивно на Законот на јавни набавки, каде не смее да се врши делење на набавките, на посебни набавки со пониска вредност“, стои во ревизијата на општината.   

Во забелешките е наведена и една спорна цесија: „Не се обезбедени документи за евидентираните договори за отстапувања на побарување во вкупен износ од 2 милиони, со кои се докажува постоењето на побарувањето од цедентот и исправи за постоењето на долговите“, стои во извештајот.

Директорката на училиштетот во Кукуречани, Бранка Лазаревска (десно), вели дека наводите на општинскиот ревизор не се точни

Директорката Лазаревска вели дека Општина Битола во немоќ да стигне до нејзино разрешување, училиштето го претвори во судница.

„Во декември 2021 година беше извршен увид во работата на училиштето од страна на комисија од општината со незаконско овластување од градоначалникот и тогаш бев физички нападната од страна на вработена во општина за што има и запис во полиција. После тој неуспешен обид, градоначалникот испрати финансиска ревизија и специјално за таа намена го промени годишниот план за ревизија. Ревизијата не произлегува од доказите кои ги имаше на увид и се злоупотребува со нејзино објавување без презентирање на дадените забелешки кои задолжително се приложуваат.  Потоа се премина кон испраќање на инспекции од ДПИ без докази во претставките. Инспекторите со часови вршеа надзор во училиштето и бараа изјави од вработените и родителите со што го претворија училиштето во судница“, вели Лазаревска.

Според неа, сите овие чекори се преземаат бидејќи таа има комплетната документација за кандидат на директор, за разлика од кандидатите кои сака да ги назначи градоначалникот кои немаат испит за директор и сертификат за положен англиски јазик.

Од општината велат дека според документацијата, огласот за директор од страна на училиштето е објавен со низа нерегуларности, за што го известила ДПИ и побарала да се изврши целосна проверка на законитоста на постапката.

ОУ „Александар Турунџев“, пред четири години беше блокирано со 283.000 евра, во тек е комплетна реконструкција во вредност од 226.000 евра.

Во дел од училиштата во Битола, локалната власт постави свои кадри, но копјата се кршат сега, кога на најголем дел од директорите на СДСМ им истекува мандатот, а имаат амбиции повторно да се кандидираат, додека пак, ВМРО-ДПМНЕ нема доволно кадри што имаат лиценца за директори. Градоначалникот Коњановски во неколку наврати јавно обвини дека опструкциите доаѓаат директно од Испитниот центар, каде прв човек е Елизабета Наумовска, висок функционер на СДСМ. 

Општина Битола се жали дека „Државниот испитен центар и понатаму продолжува со опструкции кои се однесуваат на спречување на законската можност за полагање испит со кој потенцијалните кандидатите за директори би добиле можност да се стекнат со потребното уверение за положен испит. На овој начин се врши директна опструкција врз образовниот процес и успешното организирање, раководење и администрирање на работата на училиштето“.

Извори на „Независен“ велат дека првиот термин за обуки е на почетокот на јуни до кога и треба да завршат објавените конкурси, со што можноста за избор е ограничена на оние лица кои веќе имаат уверение за положен испит за директор.

Во неколку училишта во градот веќе течат конкурсите за нови директори: ОУ „Стив Наумов“, ОУ„Елпида Караманди“, ОУ „Климент Охридски“, ОУ„Тодор Ангелевски“ и ОУ„ Александар Турунџев“. Во други пак, директорите се со мандати уште две години. Останува впечатокот дека новата локална власт и по седум месеци од преземањето на власт сѐ уште раководи преку кадри на СДСМ.