Битола немаше ниеден, сега се градат два големи трговски комплекси

Во август треба да се отвори првиот маркет на „Лидл“ на влезот во Битола. До него се гради голем трговски центар наречен „Блис“


Вака ќе изгледа трговскиот центар „Блис“

 

БИТОЛА – Битола досега немаше ни еден, а сега во исто време се градат два мега трговски комплекси во градот, што значи дека ова лето градот на конзулите ќе прерасне во нов трговски центар на југозападна Македонија. Градилишта на две локации, едното на влезот на Битола од кај Дулие, каде се гради новиот  продажен центар на „Лидл“ и новиот трговски центар „Блис“ и градилиште на „Партизанска“ каде се гради новиот трговски центар на „Кам мол“.

Ваквата е сликата во Битола оваа пролет која ветува раздвижување на економијата, нови работни места, и прераснување на градот во трговско средиште во пелагониско-преспанскиот регион со оглед на фатот што трговски комплекси од ваков обем нема ни во Прилеп, ни во Охрид, ниту пак во пограничните градови од северна Грција од каде гравитираат најголем број граѓани кои пазаруваат во Битола. 

Новиот „Кам мол“ почна да се гради на локација на поранешната касарна во Битола покрај фреквентната „Партизанска“, а инвеститор е скопската фирма „Кам имобилиен“ и е веднаш до исто така новиот објект, каде е сместен маркетот „Кам“ и други битолски фирми. Што значи едно до друго ќе бидат двата комплекси. Во првиот објект на „Кам“ има сместено фирми, маркет, аптека и сега се опремува и кафетерија. На оваа локација  е веќе раздвижено, со оглед дека се работи за една од најубавите локации на градот во новата  населба „Златен рид“ .  

До крајот на летото се очекува во Битола да се отвори „Лидл“ во населбата Дулие, односно на влезот на Битола од страната на Прилеп и Скопје. „Лидл“  според плановите треба да биде завршен до август 2024 година.

Новиот трговскиот комплекс „Блис“ е инвестиција на  локалната битолска фирма „Беком“.  Изградбата е во завршна фаза, а ќе се простира на површина од 22.000 квадратни метри.

„Трговскиот центар ‘Блис’ ќе биде готов до крајот на јуни. Во Битола ги носиме големите брендови со продажни салони, на големи површини, како ‘Њујоркер’,  ‘Де факто’, ‘Котон’, и многу други брендови што допрва ќе ги откриеме. Големи салони за мебел, за бела техника, а во молот ќе има и две кафетерии и ресторан, игротеки… На локацијата ќе има 220 паркинг места во затворен и отворен дел. Ќе има дел со дуќани за локалните трговци.  ‘Блис’ ќе значи заживување на битолската економија“, велат од битолската фирма „Беком“.   

Старата битолска чаршија на делот покрај реката Драгор (Фото: А. Блажевска)

Инвеститорите очекуваат од локалната власт час поскоро да започне со обновата на патната инфраструктура во тој дел на градот, изградбата на коловоз, канализациска мрежа, водовод, ново улично осветлување.

„Новите инвестиции се од големо значење за економскиот аспект на Битола. Тоа е директно поврзано и резултат на забрзувањето на административните процедури во општината и надминување на бирократските бариери кои ги имаше претходно, но и со инфраструктурните инвестиции на локалната самоуправа. Битола повторно станува привлечна за инвеститорите. Зголемениот број на гости, ќе резултира и со зголемен прилив на средства во градот“, изјави за „Независен“ градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и смета дека ова што годинава ќе се случи во Битола ќе отвори можности за целосно подобрување на економијата и за други дејности, вклучувајќи го хотелиерството, угостителството, медицинските дејности, развојот на културниот туризам и друго.

Битолчани гледаат позитивно на новиот тренд, иако има и коментари  дека на градот кој е во „фаза“ на иселување, потребни му се фабрики, нови индустриски капацитети да ги задржат младите со работа.

Отворањето на новите молови од една страна ги подгрева стравувањата дали ќе се стави „клуч“ на Старата битолска чаршија, како традиционален трговски комплекс, но во исто време го отвора прашањето што треба да се направи да се одржи чаршијата? 

„Трошоците за одржување на мал бизнис и платите не креираат нови работни места, па по дуќаните претежно остануваат да работат само газдите, додека во моловите ќе се креираат нови работни места, што е позитивна страна. Самите нови трендови на пазарење во моловите подразбираат и уреден простор со паркинг, она што ѝ недостига на Старата битолска чаршија, на што дуќанџиите укажуваме во последниот период. Ако на пазарување се оди со автомобил, во моловите тој дел е регулиран, а во чаршијата е мал капацитетот. Старата чаршија  е пешачка зона, заштитена, и тука не може да се влезе со автомобил. Значи треба да се паркира на околните простори, а таму паркинг местата се ограничени“, вели Павлина Василевска, дипломиран економист за надворешна трговија, дуќанџија.

Василевска, вели дека сепак има разлика во економската структура на Старата чаршија и моловите. На една страна занаети и помали бизниси, а на друга брендирана стока.

„Можеби новиот тренд со моловите, ќе овозможи еден нов повод да заживее Старата чаршија од туристички аспект. Да се отворат нови угостителски објекти и да се направат пешачки зони покрај реката Драгор со нови кафетерии и летни тераси, да продолжи животот во Чаршијата, но во друг правец“.  

Дуќанџиите од Широк Сокак не веруваат дека новите молови ќе им „пресудат“ на нивните бизниси. За волја на вистина, период наназад, тешко е да се најде празен простор на Широк Сокак и покрај високите кирии од над 1.000 до 4.000 евра месечно. На Широк Сокак денес, ако еден дуќанџија го затвори бизнисот, друг отвора следниот ден.

„Отворањето на новите молови во Битола, за нас дуќанџиите на Широк Сокак нема да се конкуренција. Пазарењето овде е традиција, шеташ, купуваш, пиеш кафе на Широк Сокак. Моловите, особено ако донесат брендирана стока, ќе значат раздвижување на битолската економија, и плус ако имаат и други забавни содржини за децата. Тука ќе доаѓаат уште повеќе купувачи од Прилеп, Охрид, Кичево и помалите околни градови, а ќе биде поволно пазарувањето и за потрошувачите од Лерин и околните градови од Северна Грција, оти Грците и онака се секојдневно на пазарување во Битола. Така да моловите нема да ги затворат дуќаните на Широк Сокак, ами напротив ќе го раздвижат градот. Значи и сто молови да се отворат битолчани нема да ја сменат навиката да пијат кафе на Широк Сокак на најамбиенталната улица во Европа“, вели Соња Крстевска, дуќанџија на Широк Сокак повеќе од 20 години.