Битола: Место киното „Партизан“ нов културен центар
БИТОЛА – Нов културен центар ќе добие Битола следната година со реконструкција на објектот на поранешното кино „Партизан“ во централното градско јадро. Објектот изграден во времето на СФРЈ долги години работеше како едно од поголемите кина во Битола со над 600 седишта со партер и балкон. Во 1990-те години со затворањето на кино салите во градот зградата беше оставена на забот на времето, па дури едно време беше магацин за колонијални стоки како и кабаре.
Сега иако се ближи зимата на терен интензивно се работи на реконструкција на објекот, со градежна механизација, а комплетната реализацијата на проектот е предвидена до крајот на 2026 година.
Според плановите за обнова на киното со реконструкцијата ќе се изврши пренамена на објектот, а предвидено е да се вложат 96 милиони денари, што според најавите на министерот за култура, Зоран Љутков, претставува прв сериозен чекор кон новата културна иднина на градот. Министерството за култура е комплетен инвеститор за обнова на објектот.
Изведувач на работите е битолската градежна фирма „БВ Инженеринг“, а надзор над работите ЗИМ Скопје.
Битола веќе има пет објекти од културата и две кино сали, што значи обновата на кинотто „Партизан“ ќе биде шести објект наменет за културни настани во Битола, покрај Центарот за култура, Народниот театар Битола, Завод и Музеј Битола, Офицерскиот дом и новото кино „Манаки“ на Широк Сокак. Засега во Битола функционираат две кино сали, во Центарот за култура со близу 850 места и во Кино „Манаки“ со 130 седишта.
Со поранешното кино „Партизан“ од 2006 година стопанисува Народниот театар од Битола и сега плановите се да прерасне во мултифункционален објект којшто ќе може да се користи и за кино, за театар, за изложби и за други настани, а ќе биде и самоодржлив. Предвиден е простор каде младите ќе ги реализираат своите културно-уметнички идеи. Покрај организација на концерти, изложби, кино-проекции, се предвидува и дислокација на некои од постојните претстави на Народен театар Битола со цел да се создаде нов уметнички простор со сопствена програма.
Битолчанецот Стефан Хаџиантоновски, филмски работник и творец на Интернационалниот фестивал на аматерскиот документарен филм „Камера 300“ во Битола се присетува дека кино салата била изградена во склоп на поранешната Учителска школа. Во 1967 ја зеде установата која управуваше со кината и ја реконструираше со сопствени средства. „Тоа беше периодот кога во Битола цутеше киноприкажувачката дејност и градот имаше пет затворени кина и уште неколку на отворено во летниот период“, се присетува Хаџиантоновски. (А.Б.)