Битола ја чека тешка зима и килав план против аерозагадувањето

Околу 15 отсто од смртноста на населението во Битола се должи на аерозагадувањето поради надминување на лимитот на СЗО за загадувачки супстанци. Најголем загадувач е греењето, согорувањето на био маса, нафта и мазут


 

БИТОЛА – Години поминуваат, а Битола градот под раскошниот Пелистер, никако да најде лек за аерозагадувањето. Најчесто во зима градот се наоѓа високо на листата на екстремно загаден воздух, ситуации кои траат по неколку денови, па и недели. И годинава Општина Битола понуди план како ќе го подобри квалитетот на воздухот, но граѓаните и невладиниот сектор загрижено реагираат и коментираат дека битолчани ги чека тешка зима, а планот не нуди конкретни решенија.

„Оџаците ќе чадат, ние ќе дишеме. Сите купуваат дрва за греење, никој не гледа дали е суво или влажно. Џабе им се клима уредите на битолчани подарени од државата, кога цената на струјата отиде во неповрат, а се стравува и од рестрикции. Народот мора да ги врати ќумбињата за да не замрзне. Не се реализира сообраќајната студија за еднонасочни улици. Нема топлификација, нема гасификација на градот. За каков план зборуваме, на зима велосипеди да возиме, и да нѐ едуцираат како да не загадуваме“, реагира битолчанец, кој ја следеше презентацијата на планот, со напомена дека аерозагадувањето и натаму секоја година одзема животи во Битола.

Според проект финансиран од ИПА и Министерството за локална самоуправа, за жал, околу 15 отсто од смртноста на населението во Битола се должи на аерозагадувањето поради надминување на лимитот што го дава СЗО за загадувачки супстанци. Односно, најголем загадувач е греењето, согорувањето на био маса, нафта и мазут.

Општина Битола веќе одржа јавна расправа и презентација на Планот за квалитетот на воздухот за Битола, во присуство на претставници од министерството за животна средина, Центарот за климатски промени, високо образовните институции и невладиниот сектор.

Мерките кои се спроведуваат се однесуваат на субвенции за набавка на велосипеди, субвенционирање на колективни згради за поставување на енергетски ефикасни фасади и уредување на јавни површини, подготовка на зелен катастар, подготовка на локален еколошки акционен план, редовен инспекциски надзор. За Одделението за животна средина годинава за реализација на овие проекти се предвидени 8 милиони денари.

Согорувањето на огревното дрво и мазутот вкупно учествува со високи 75 отсто од загадувањето со ПМ 2,5 честички: Битола

Преку Одделението за економски развој, пак,  се издвоени средства за програма за енергетска ефикасност, подготовка на проекти за зголемување на енергетската ефикасност на објекти и други активности.

„Тука се и средствата за подобрување на животната средина, од областа на пречистителните станици и канализационите системи, од Одделението за комунални дејности, каде преку програма за фосилни горива од Министерство за животна средина се предвидени 13.000.000 денари, за изградба на нови канализациони системи 16.688.487 денари, за реконструкција над 26.000.000 денари и преку развојната програма 7.293.676 денари.

Се очекува час поскоро од страна на Министерството за финансии да биде објавен јавниот повик за изградба на новата пречистителна станица, за која општина Битола ја подготви комплетната проектна документација, вклучувајќи соодветна експропријација“, рече градоначалникот Тони Коњановски на презентацијата.

Невладината организација „Геосфера“ од Битола, која години наназад го третира проблемот со аерозагадувањето на градот реагира дека планот не ги посочува вистинските загадувачи на воздухот и не ветува дека во блиска иднина ќе можеме да излеземе како ‘победници’ во борбата против аерозагадувањето.

„Изработувачот на планот за квалитетот на воздухот за Битола, во изработката користел исклучиво статистички податоци од ДЗС и МЖСПП, без теренска работа и мерење на карактеристични супстанци од емисиите од градот, а не бил запознаен и со микроклимата на градот Битола и нејзиното влијание врз аерозагадувањето. Тоа се гледа од нивното толкување за причините за аерозагадувањето во градот во утринските и вечерните часови според кои, загадувањето можеби потекнува од зголемениот сообраќај (без цврсти докази за изнесеното), а ја занемаруваат улогата на дневното и ноќното струење на воздухот, односно пелистерецот, врз чистењето на воздухот во одделни делови од градот, но и акумулирање на аерозагадувањето во други делови“, вели м-р Мите Ристов, професор по географија, претседател на „Геосфера“ Битола.

 

Дадени се мерки, кои или воопшто или незначително ќе го намалат загадувањето на воздухот, вели Мите Ристов, професор по географија, претседател на „Геосфера“

Според планот, учеството во емисиите од домаќинствата со ПМ 10 честички изнесува само 9 отсто, а за ПМ 2,5 само 20 отсто, а енергетскиот сектор учествува со високи 80 отсто, па оттука Ристов заклучува дека „Енергетскиот сектор е навистина најголем загадувач на годишно ниво, но прашањето е колку од тоа загадување доаѓа во градот, особено за време на зимските месеци. Наведените бројки не се во согласност со Студијата за пропорционирање на изворите на аерозагадувањето во град Битола, изработена од проф. Дејан Мираковски, Лабораторија „Амбикон“ при Универзитетот во Штип, каде податоците се дијаметрално спротивни со оние од планот.

Врз основа на резултатите од студијата и земени примероци од филтрите во 2021 година, (мерната станица Битола 1 која се наоѓа во индустрискиот дел на Битола), најголемо загадување со ПМ 2,5 честички во текот на зимските месеци, од декември до февруари, отпаѓа на согорувањето на дрвата во домаќинствата со дури 51 отсто, потоа 24 отсто отпаѓа на согорувањето на нафта и мазут во институциите и индустријата, 14,5 отсто на сообраќајот, а само 7,5 отсто на енергетскиот сектор. Односно согорувањето на огревното дрво и мазутот вкупно учествува со високи 75 отсто од загадувањето со ПМ 2,5 честички. Доколку мерењата биле направени на мерната станица Битола 2, која се наоѓа во централното градско подрачје, бројките ќе биле уште повисоки од презентираните.

Професорот Ристов по ова критикува дека дадени се мерки, кои или воопшто или незначително ќе го намалат загадувањето на воздухот, пред сè мерки поврзани со подигање на јавната свест на населението, кое и те како е добро запознато и точно знае што треба, а што не треба да прави, а се изоставени конкретни мерки кои значително ќе го намалат аерозагадувањето.

Од тука „Геосфера“ инсистира на законско регулирање на дистрибуцијата на суво огревно дрво.

„Со оглед на енергетската криза во државата и се поголемиот број на домаќинства кои се враќаат кон огревното дрво како енергенс, уште од 2018 год. предлагаме мерки за дистрибуција на суво огревно дрво до домаќинствата. Односно, законско регулирање на дистрибуцијата на суво огревно дрво, со влажност под 20 отсто, од страна на шумските претпријатија, со што, според нашите калкулации загадувањето на воздухот со ПМ честички ќе се намали за најмалку 30 до 40 отсто. Ова го тврдиме врз основа на извршените експерименти од страна на научници низ светот, според кои, влажното дрво емитува 3-4 пати поголеми концентрации на ПМ честички од сувото дрво“, напоменува Ристов.