Битола изгради две нови градинки, но листата на чекање и натаму е долга – илјада деца
Новите градинки, коишто се очекува да бидат ставени во функција во 2026 година, се со капацитет од 460 деца
БИТОЛА – Во Битола се изградија две нови градинки и уредувањето е во финална фаза, а една градинка се адаптира во функционален објект и се отвори пред еден месец.
Новите градинки, коишто се очекува да бидат ставени во функција во 2026 година, се со вкупен капацитет од 460 деца. Градинката што се отвори неодамна веќе згрижува плус 76 дечиња.
Во Општина Битола има две јавни установи кои стопанисуваат со детските градинки: во ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“ се згрижени 799 деца, во ЈОУДГ„Мајски Цвет“ заклучно со октомври се згрижени 697 деца.
Сепак се бара слободно место плус и вкупно во двете установи на листата на чекање се над 1.000 деца
На есен секогаш расте притисокот кај родителите дали ќе се најде место за децата за згрижување во градинките.
„Чекавме згрижување во градинка, не бираме во која ќе биде, дали блиску или далеку од населбата, само да има место да ја згрижат ќерката, оти веќе има три години и треба да се социјализира“, вели еден родител.
Од Општина Битола велат дека со изградбата на двете нови градинки во АРМ и наспроти ОУ„Св. Климент Охридски“ во Нова Битола, како и со адаптацијата на делот од поранешниот Дом за деца без родители во градинка се очекува да се надмине проблемот со бројот на деца на листите на чекање.
Пред нецел месец, ден по завршувањето на локалните избори, градоначалникот Тони Коњановски отвори градинка со капицитет за згрижување 76 деца во објектот на поранешниот „Дом за доенчиња и мали деца“ во Битола. Во адаптацијата на објектот беа потрошени над 10 милиони денари, од кои 70% од Министерството за социјална политика и 30% од страна на општината.
Во градинката што се гради во старата касарна ќе бидат згрижени 260 деца во 13 занимални и сопствена кујна. Градинката во Нова Битола е со капацитет од 150 деца.
Во битолскиот Совет се отвори дебата околу капиталните инвестиции, условите за работа и згрижувањето на деца во градинките во Битола. Двете установи се корисници на блок-дотации од Министерството за социјална политика и за 2025 година таа сума изнесува 201 милион денари, наменети за плати, додека нивните активности од самофинансирање се над 1 милион евра. Софија Ристевска-Петрушева, советник од СДСМ реагираше на одлуките да се зголеми бројот на деца во групите во градинките со забелешка дека е потребно вработување и на дополнителен персонал бидејќи речси двојно се зголемува бројот на децата.
Од градинките во Битола велат дека со Одлуката за добивање согласност за работа во воспитни групи со поголем и помал број на деца во детските градинки не се надминува проблемот, но се намалува бројот на деца кои се на листа на чекање.
Според советниците од власта праксата да се намали или зголеми бројот на деца во групите во градинките во Битола е процес кој трае 15 години наназад и е законски определено.
„Не сме ние прв состав на Совет кој што носи ваква одлука. Не се работи само за формирање на групи со поголем број на деца, туку и формирање на групи со помал број на деца, што е случај за градинките што работат во руралните средини, а кои се во склоп на двете јавни установи во Битола“, истакна Наташа Марковска, советничка на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата побара одговор зошто досега не се отворени двете нови градинки.
„И двата проекти се оставени во наследство на оваа локална самоуправа од минатата локална власт (СДСМ). И оваа актуелна власт не успеа да ги отвори двата објекти во изминатите четири години“, критуваше советничката Ристевска-Петрушева.
Претседателот на Совет, Бојан Бојкоски возврати на критиките со контра аргументи и кажа дека бившата власт на СДСМ оставила проблематични ситуации во изведбата на двете градинки, па новата власт морала да ги решава ситуациите на терен за да дојде до изградба на два комплетно нови објекти.
„Градинката во АРМ беше посебна приказна бидејќи кога во 2021 година беше преземена од тогашната власт на СДСМ, беше еден отворен базен. Техничкото решение беше несоодветно и не можеше да се продолжи со изградбата. Договорот со изведувачот беше раскинат од Општина Битола и за тоа беа платени и пенали од 60 илјади евра. Отпочна постапка за да се догради детската градинка, со изнаоѓање на ново техничко решение понудено од Градежниот факултет во Скопје. Во моментот во објектот се изведуваат внатрешни занаетчиски работи со цел да биде во функција во 2026 година“, објасни Бојкоски, претседател на Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Што се однесува до изградбата на втората нова градинка во Битола кај ОУ „Св.Климент Охридски“, Бојкоски кажа дека договорот за изведба бил раскинат од самиот изведувач на работите бидејќи фирмата паднала под стечај. По ова лани бил склучен нов договор од страна на Министерството за труд и социјала со изедувач со цел градинката да се стави во функција. Оваа градинка е комплетно изградена со опремени занимални. Според него останува да се уреди холтикултурно дворот на градинката и да се постави ограда, пред да се стави во функција.