Битола: Христо Кондовски најави подземна сообраќајница сред Широк Сокак со подземна гаража за 250 возила
БИТОЛА – Плоштадот „Гоце Делчев“ во срцето на Широк Сокак, наместо прекрасно и оплеменето градско јадро е претворен во општински паркинг, што ја грди Битола, критикува кандидатот за градоначалник на СДСМ во Битола, Христо Кондовски. Доколку го добие мандатот за градоначалник Кондовски на битолчани им ветува дека на среде Широк Сокак ќе направи пробивање на подземна сообраќајница кај хотел „Епинал“ (Ул. „Димитар Илиевски – Мурато“) со што Широк Сокак ќе стане континуирана пешачка зона.
Кондовски кој на лице место го претстави планот рече дека оваа улица претставува една од најфреквентните сообраќајници со дневен промет кој се мери со илјадници возила. Во шпицот на денот минуваат и по 1.600 возила во еден час.
„Вкрстувањето на оваа улица со Широк Сокак ја прави и една од најтесните грла, поради што во летниот период вечерно е блокирана и неупотреблива. Токму затоа ќе биде направено пробивање на една подземна сообраќајница. Таа сообраќајница ќе води до подземна гаража со капацитет од 250 возила, која ќе се реализира во неколку фази, а со која плоштадот ‘Гоце Делчев’ ќе се претвори во прекрасно катче на задоволство на битолчани. Со ова решение драстично ќе биде намален застој и гужвите во центарот на Битола. Ќе се изградат подземни паркинг места кои го ослободуваат плоштадот. Пристапот до околните дуќани и станбените единици ќе биде поприкладен“, рече Кондовски.
Со овој проект кој ќе чини 4 милиони евра Кондовски смета дека ќе се уреди централното градско подрачје, ќе се зголеми безбедноста на пешаците, ќе се овозможи непречен сообраќај во текот на целата година и што е исклучително важно ќе се намали загадувањето на воздухот. (А.Б.)