Битола: Горан Милевски го има џокерот, каква цена ќе побара


Од изборите во 2017 година СДСМ загуби неверојатни 13.466 гласа. Имаше и многу неважечки ливчиња – 5,8 отсто. Познавачите претпоставуваат дека тие во најголем дел се од поддржувачите на актуелната градоначалничка Наташа Петровска

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Едни слават, други не се предаваат. Вака некако со два збора може да се опише сликата за Битола по вчерашните локални избори. Според официјалните податоци објавени на веб страницата на Државната изборна комисија, по обработени 100% од избирачките места, вкупно 170 во Општина Битола, најмногу гласови освои Тони Коњановски (ВМРО-ДПМНЕ), па следува Христо Кондовски (СДСМ). Двајцата ја продолжуваат изборната трка за градоначалник во вториот круг, кој ќе се одржи на 31 октомври. Но, главниот „џокер“ за овие избори го има Горан Милевски, лидерот на ЛДП.

Тони Коњановски освои 19.532 гласови, 42,83%, Христо Кондовски 17.891 гласови, 39,23%, додека пак третопласиран е Горан Милевски  со освоени 3.336 гласови, 7,32%. Останатите тројца кандидати Зоран Лазаровски – Паљо, Јорго Огненовски  и  Горан Тасковски делат вкупно 2.189 гласови. Според овие бројки токму гласовите на Милевски ќе бидат решавачки во вториот круг. Прашање е колку гласови привлекол Милевски од СДСМ и дали тие гласови реално можат да се вратат на контото на оваа партија во решавачкиот момент. Дали Милевски ќе се одважи и јасно ќе ги повика битолчани за вториот круг да гласаат за Христо Кондовски или ќе стои настрана, засега се молчи?

Она што остава впечаток е дека ВМРО-ДПМНЕ непотребно се впушти во славење со незавршени извори, а пак СДСМ веќе прави калкулации за мнозинство во Советот и пресврт во вториот круг. И едните и другите „работат“ на психолошкиот момент кај гласачите, па наметнуваат победничка атмосфера.

„Битола е град кој заслужува нова управа, нова локална самоуправа. Она што го кажувавме во изминатите три недели ќе го продолжиме, ќе останеме достоинствени. Она што го ветивме дека локалната самоуправа ќе биде отворена за сите, дека нѐ очекува многу работа, дека нѐ очекува обнова на градот, сѐ она што го кажавме, ќе го извршиме“, рече Тони Коњановски обраќајќи се до битолчани. 

Социјалдемократите во Битола направија своја пресметка, за нив ситуацијата е повеќе од јасна за вториот круг.

„Главата горе битолчани! Владејачката коалицијата СДСМ, ЛДП и ДУИ на локалните избори освои 13 советнички мандати! Пред нас е период во кој ќе бидат утврдени принципите на соработка со останатите советнички групи кои делат исти идеали… Кај изборот на градоначалник состојбата е уште појасна. Одиме на голема победа во вториот круг! Враќање назад нема“, порачаа од СДСМ.

Она што е интересно на овие избори е големиот број на неважечки гласови кои во Битола за избор на градоначалник изнесуваат 2.659, или високи 5,8 проценти од вкупниот број на излезени гласачи во текот на првиот круг. Секогаш овој број бил под 2.000 гласови, но на поголема излезност.

Прашање е колку од овие гласови се гласови за казнување на СДСМ, а колку за ВМРО- ДПМНЕ. Дали има реална основа во шпекулациите дека голем дел од неважечките ливчиња всушност се поддржувачите на градоначалничката во заминување Наташа Петровска, зашто таа не ја доби довербата за втор мандат.

На крај со овие изборни резултати најтешката задача за Коњановски и Кондовски и нивите изборни штабови ќе биде да се мотивираат гласачите кои не гласале за нив во првиот круг, да им ја дадат довербата во вториот круг на гласање. Познавачите на состојбите велат дека најтешко е да се манипулира со гласовите кои „казнуваат“ или т.н протестни гласови. 

Факт е дека во споредба со локалните избори од 2017 година, кога кандидати беа Зоран Илиоски за ВМРО-ДПМНЕ и Наташа Петровска за СДСМ, првите успеале да привлечат 1.817 гласови повеќе за Коњановски, додека пак кај сдсмовскиот табор има негативна разлика од 13.446 гласа.

Комплицирана е ситуација за новиот битолски совет. Ниту една партија нема мнозинство. Одлучувачки ќе бидат советниците од помалите партии и независни групи на граѓани.