Битола е во врвот по бројот на вакцинирани, интересот е голем


Во Битола се вакцинирани повеќе од една третина од грашаните, изјави денеска министерот Венко Филипче

Дури 23.000 жители на Битола ги имаат примено двете дози. Во болницата 80 проценти од вработените се вакцинирани

 

БИТОЛА – Околу 33.000 жители во Битола се вакцинирани, од нив 23.000 се ревакцинирани, што значи дека повеќе од една третина од битолчани се заштитени со вакцина, рече министерот за здравство Венко Филипче при денешната посета на Битола. Оваа бројка според министерот е процент издвоен од 90.000 граѓани колку што според досегашните податоци на Државниот завод за статистика брои општината.  

„И изминатата недела имавме многу висок интерес за вакцинација во Битола, што сметам дека е многу добро и така ќе продолжи“, рече министерот, додавајќи дека и Битолската болница е институција која може да се пофали со висок опфат на вакцинација на вработените.

„Некаде помеѓу 75 и 80 проценти од вработените во Клиничката болница Битола се вакцинирани. Ова е одличен знак што значи дека здравствениот персонал е добро заштитен“, рече тој.

Филипче вели дека нема да има друга можност освен да воведе некаква форма на рестрикција која ќе се однесува на невакцинираните.

„За мерките разговараме со цел да го заштитиме и другото население, а тие мерки ќе се однесуваат на невакцинираните. Видовме изминатата година што значи да нема вакцина за една болест, какви рестрикции се воведуваат. Гледаме сега примери и по други земји. Има приватни компании кои сакаат вработените да им се вакцинираат за да можат нормално да функционираат во текот на работниот процес. Ќе го штитиме јавното здравје со тоа што би вовеле такви мерки. Таму каде што има можност за масовни собири, јавни настани, за конкретните мерки ќе разговараме подетално во август, но доколку видиме дека стагнира процесот на вакцинација нема да имаме друго чаре освен да воведеме такви мерки“, порача Филипе.   

Во однос на количината на вакцини министерот смета дека како држава имаме доволно, со тоа што секој понеделник стигнуваа помеѓу 20 и 30.000 вакцини. 

Што се однесува до вакцинацијата на учениците и почетокот на школската година, Филипче рече дека разработени се три сценарија, во зависност од епидемиолошката сика во државата.

„Ако епидемиолошката ситуација е како сега, сите ученици за еден месец ќе почнат со физичко присуство без рестрикции во одделенијата или бројката на ученици, за што постојат протоколи на седење, на начин на проветрување и менување на училниците. Доколку се влоши сликата спремни сме и тука да интервенираме во поглед на организирање на наставата“, рече Филипче.   

Министерот Филипче дојде во Битола поради ставење на функција на нов апарат гама камера, за функционални испитувања меѓу кои и на малигни заболувања. Апаратот е добиен преку Интернационалната агенција за атомска енергија од Виена. Што значи пациентите кои имаат  потреба од вакви испитувања не ќе мора да патуваат за Скопје. Снимањата со овој апарат во Битола ќе започнат од следниот месец, рече д-р Билјана Гагачовска, директор на Битолската болница. (А.Б.)